spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаСправувањето со корупцијата не е само добро владеење, тоа е израз на...

Справувањето со корупцијата не е само добро владеење, тоа е израз на патриотизам кон државата

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска го одржа вториот координативен состанок со институциите надлежни за справување со корупцијата, на кој беше разгледуван прогресот во спроведувањето на препораките од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2022 година.

Оваа активност, вицепремиерката Грковска ја реализира заедно со евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир и секретаријатот за европски прашања, а целта е следниот извештај од ЕК да покаже значаен напредок во спроведувањето на реформите, но и да се подобри динамиката на имплементацијата на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за 2021-2025.

„Борбата против корупцијата не е само добро владеење или одбрана на системот, туку тоа е и патриотизам кон државата. Сега е моментот сите ние, сите носители на функции да покажеме со дела дека си ја сакаме татковината. Целта на оваа координативна активност е да ги надминеме слабостите и да постигнеме напредок, кој се очекува од нас, не заради Европската Унија, туку заради нашите граѓани и нашата држава“, нагласи вицепремиерката Грковска.

Таа потсети дека по состанокот во декември минатата година, институциите имаа обврска до Кабинетот да достават планови со конкретни мерки, кои произлегуваат од Извештајот од Европската комисија за 2022 година и Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за 2021-2025, по што ќе се следи динамиката на нивната реализација.

„Време за чекање и време за губење нема. Не само во поглед на следните европски извештаи, туку и во поглед на очекувањата на граѓаните за суштински резултати во борбата против корупцијата. Ажурното исполнување на обврските зависи од сите нас, кои ги водиме институциите. Приближувањето кон ЕУ значи да ја јакнеме одговорноста и отчетноста на сите институции“, додаде вицепремиерката Грковска. Таа изрази жалење што последниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата покажува реализација на Стратегијата за спречување на корупцијата и судир на интереси од само 10 проценти и побара од институциите целосно да се посветат на оваа обврска.

Евроамбасадорот Гир нагласи дека напредокот на нашата држава во делот на справувањето со корупцијата ќе биде сериозно оценуван во наредниот извештај на Европската комисија и поради тоа, додаде тој, неопходно е сите институции, сите релевантни субјекти во државата да се обединат во справувањето со оваа појава. „Владата, опозицијата и Собранието на Република Северна Македонија мора да работат заедно во оваа насока, правосудниот систем мора да ја поврати довербата на јавноста, а важна е и улогата на граѓанскиот сектор и на медиумите. Мора сите да се вклучат во оваа борба“, изјави амбасадорот Гир.

Државната секретарка во СЕП, Дрита Абдиу Халили, информираше дека ефикасното справување со корупцијата е предуслов за затворање на секое поглавје и од тие причини е важно сите институции, во секоја област, во сите делови на системот посветено да работат на ова прашање.

Координацијата со институциите надлежни за справување со корупцијата е динамичен и континуиран процес, кој ќе продолжи со поединечни средби и во наредниот период, бидејќи целта е сите вклучени страни да придонесат кон остварување позитивни резултати што ќе се рефлектираат во во следниот извештај на Европската комисија.

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Илинден: Промовирана Монографија на Здружение на пензионери „Илинден“

0
Градоначалникот на Општина Илинден присуствуваше на промоција на првата Монографина на Здружението на пензионери „Илинден“, која е издадена под покровителство на Општина Илинден. Во ова...