Со поддршка на Општина Карпош во организација на невладината ЛинкАкрос, на 16 и 17 мај од 18:00 до 21:00 часот ќе се одржи дводневен бесплатен настан, односно менторска програма за започнување на сопствен бизнис. Станува збор за GrowBiz StartUp програмата која треба да биде еден вид на непосредна поддршка на претприемачите, кои сакаат да започнат свој бизнис во нашата земја.
Во рамки на работната група ќе говорат Кристијан Пинкстон, кој е сопственик на една од најбрзо растечките компании за комуникации во светот со седиште во Вашингтон (САД), како и Дејвид Харш кој работи во софтверскиот гигант Микрософт, на позицијата Директор за стратешки односи со клиенти. На настанот ќе присуствуваат и сопственици на наши локални бизниси, кои во оваа пригода ќе споделат практични совети, искуства и конкретни насоки за понатамошно делување на претприемачите.
Инаку, дводневниот настан (16-17 мај) претставува само прва фаза од вкупно четири, во рамки на менторската програма која ќе трае од една до две години. Во овој случај, претприемачите кои ќе бидат примени во наредните фази на програмата, ќе работат со стручен тим којшто е составен од американски но и наши – локални бизнис ментори, кои понатаму ќе ги водат потенцијалните претприемачи низ процесот на развивање на нивната бизнис идеја до конечна реализација.
Заинтересираните лица, првенствено треба да го најават своето присуство и да се регистрираат на веб страницата, односно на линкот https://growbiz.mk/mk/phase-one каде што воедно можат да ги разгледаат и подеталните информации, поврзани за програмата и за бесплатниот настан кој ќе се одржи на 16 и 17 мај.
ЛинкАкрос е американска невладина организација, којашто активно се поврзува и работи со локални и странски партнери на проекти за развој во нашата држава уште од 2010 година. Старт-ап програмата за првпат започна минатата година а преку неа, повеќе од 20 претприемачи од Македонија и Албанија почнаа ја развиваат својата бизнис идеја, секако со помош на менторските тимови.
Извор: Општина Карпош