Заменик министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија г-ѓа Фатмире Исаки, вчера го прими Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Амбасадорот Килиан Вал.
На средбата беше разговарано за престојната Конференција „Родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените“, која ова година се организира во рамките на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, а која треба да се одржи на 5 и 6 септември 2023 година во Тетово.
ЗМНР Исаки се заблагодари за досегашната поддршка на ОБСЕ Мисијата во Скопје во реализацијата на сите приоритети на Владата на Република Северна Македонија кои се во склоп на Програмата за работа на Мисијата, со надеж дека таквата сорботка ќе продолжи и во иднина. Информираше дека овогодинешната Конференција ќе послужи како форум за дискусии за сите прашања од доменот на правата на жените и нивната улога во општествата во земјите учеснички на ОБСЕ и земјите партнери, а на која учество ќе имаат претставници од приватниот сектор, академската заедница, граѓанското општество и други меѓународни организации.
Заменичката Исаки и амбасадорот Вал изразија убедување дека со заеднички напори и блиска соработка Конференцијата посветена на „Родовата еднаквост и зајакнување на улогата на жените“ ќе придонесе со нови препораки и истакнување на добри искуства и примери во сите три димензии на работата на Организацијата, кои што ќе послужат како дополнување во насока на унапрадувањето на улогата на жените во ОБСЕ регионот.
Извор: Министерство за надворешни работи