Министерството за информатичко општество и администрација организираше јавна презентација и расправа за новиот нацрт-Закон за висока раководна служба.
,,Како ресорно министерство надлежно за координација на процесот на реформата на јавната администрација, активно работиме на унапредување на законската рамка за администрацијата. Се продолжи со финализирање на новите закони и тоа: Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници и Законот за висока раководна служба со подршка на СИГМА, кои сметаме дека е најдобро да бидат донесени во пакет поради нивната меѓусебна поврзаност. Денес ќе ја презентираме и последната верзија на предлог Законот за висока раководна служба и ќе ги слушнеме вашите размислувања и предлози со цел унапредување на законското решение“, истакна министерот Алиу во воведното обраќање.
Министерот потсети дека, согласно утврденото во Приоритетната област 2. Јавна служба и управување со човечки ресурси од Стратегијата за реформа на јавната администрација (2023-2030), која Владата ја усвои на 11 јули оваа година, една од мерките за остварување на Посебната цел Деполитизација на администрацијата, е професионализација на високите раководни позиции со воспоставување на висока раководна служба во администрацијата.
Системот на висока раководна служба, кој како новина се предлага со овој закон, треба да обезбеди постигнување на две клучни цели, и тоа:
1) Професионални високи раководители, избрани преку отворена и меритократска постапка (врз основа на нивните професионални компетенции) и
2) Воспоставување на односи на доверба и одговорност помеѓу политички избраните и именуваните лица и високите раководители.
,,Со законот се предлага да се воспостави целосно нов систем, кој ќе се имплементира постепено, со можност во иднина новиот модел да биде имплементиран во целиот јавен сектор. Треба да се има предвид фактот, дека паралелно со воспоставувањето на системот на висока раководна служба, во тек е процес на структурна реорганизација/оптимизација на јавниот сектор, кој ќе значи рационализација и намалување на бројот на високи раководни места, но едновремено и воспоставување на линии на отчетност на високите раководители. Целиот процес сакаме да биде споделен со јавноста на транспарентен и отворен начин“, рече министерот Алиу, додавајќи дека предлог законот веќе е објавен на ЕНЕР.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација























