Согласно Програмата на Одделението за образование при локалната самоуправа, Општина Карпош традиционално и годинава обезбеди финансиски средства за доделување на осуммесечни стипендии за талентирани ученици, кои учат во основните училишта на територија на општината за учебната 2023/2024 година. Висината на стипендијата ќе изнесува 3.000 денари месечно за Прва категорија, односно 2.500 денари месечно за Втора категорија.
Во таа насока Општина Карпош распиша Јавен оглас, каде ги утврди општите услови за доделување на училишни стипендии. Поточно, основците треба да се жители на Карпош (според адреса на живеење), да се редовни ученици во VIII или IХ одделение и да имаат освоено I или II место на натпревари (градски, државни, меѓународни). Според пропишаните критериуми, ќе бидат разгледувани само дипломи за освоено I или II место од здруженија, организации, друштва, асоцијации и слично, коишто се акредитирани од Министерството за образование и наука.
Во предвид ќе бидат земени освоените I или II место на натпревари од областа на науката, литературата, техниката, културата и уметноста, поточно од VI до VIII за редовни ученици во осмо одделение, односно од VII до IX одделение за редовни ученици во деветто одделение, каде што:
– I и II место на градски (регионални) натпревари, се рангира со (2 бода, 1 бод);
– I и II место на државни натпревари, се рангира со (6 бода, 3 бода );
– I и II место на меѓународни натпревари, се рангира со (8 бода, 7 бода, во прилог потврда од организаторот на натпреварот дека учествувале минимум 3 (три) или повеќе држави на меѓународниот натпревар).
Втора категорија ќе се додели на ученици кои освоиле од 4 (четири) бодови до 5 (пет);
Прва категорија ќе се додели на ученици кои освоиле од 6 (шест) и повеќе бодови.
*Освоените места на групни натпревари нема да бидат бодувани.
Со барањето, учесниците на Oгласот треба да достават:
– Документ како доказ дека живеат во Општина Карпош (лична карта од родител/старател);
– Потврда од училиштето дека се редовни ученици во VIII односно IХ одделение во учебната 2023/2024 во општинското основно училиште од територија на Општина Карпош;
– Фотокопии од дипломи од освоени места на натпревари од областа на науката, литературата, техниката, културата и уметноста oд VI и VII одделение за редовни ученици во VIII одделение и од VII и VIII одделение. за редовни ученици во IX одделение;
– Препорака од класниот раководител или предметниот наставник;
Притоа, апликантите треба да ги достават документите во затворен плик во Архивата на Општина Карпош (барака 2), или по пошта на ул. Радика бр. 9 – Скопје, со назнака „За доделување стипендии на талентирани ученици од општинските основни училишта на територија на Општина Карпош за учебната 2023/2024 година“. Крајниот рок за поднесување на документите е заклучно со 05.09.2023 година, а доколку документацијата на кандидатите не биде комплетна или пак, не е навремено доставена, истата нема да биде разгледувана.
Важно за напомена е дека еден кандидат може да оствари право само на една стипендија. Кандидатите кои аплицирале – конкурирале за повеќе различни стипендии по објавени огласи (спорт или образование) од Општина Карпош и ги исполнуваат условите за добивање на повеќе од една стипендија, ќе добијат известување од службите во општината и врз основа на сопствен избор ќе се определат за една од стипендиите.
Целиот оглас погледнете го на следниов линк https://bit.ly/45vGWPa.
Извор: Општина Карпош