Jавните финансии се солидни, како резултат на подобрувањата кај фискалното управување во изминатите години. Владата работи на реформи со цел подобрување на буџетските приходи и подобро таргетирање на расходите, како и зголемување на учеството и реализацијата на капиталните во вкупните расходи. Низ годините фискалната дисциплина се подобрува, а Владата постигна значаен напредок во областа на подготовка, спроведување и известување за Буџетот. Ова се констатациите на Европската комисија во Нацрт-извештајот од скринингот за првиот кластер – фундаменти, во делот на управувањето со јавните финансии и економските критериуми, тема која министерот за финансии, Фатмир Бесими ја обработи во својата последна колумна.
Во Извештајот се наведува дека усвојувањето на Законот за буџети овозможува да се спроведат најважните реформи во буџетирањето, со што се зголемува фискалната одржливост (среднорочното буџетирање, интегрираниот информациски систем за финансиско управување– ИФМИС, воведувањето фискален совет и фискални правила). На тие реформи им треба уште поголема брзина, a за да се постигне сеопфатната и амбициозна реформа вградена во новиот Закон за буџети, треба да се усвои акциски план, да се забрза воспоставувањето на новите институционални структури и навремено да се обезбеди соодветен кадар во клучните реформски единици во Министерството за финансии, УЈП и Царинската управа.
„Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии или „СМАРТ јавни финансии“ е поставена на тој начин да ги адресира сите предизвици утврдени преку дијагностиките на меѓународните организации (ПЕФА, ПИМА, ТАДАТ, СИГМА). Оваа програма вклучува реформи во јавната внатрешна финансиска контрола, јавните набавки, ревизијата и управувањето со јавни финансии, односно сите аспекти што ги евалуира Европската Унија“, пишува Бесими.
Една од најголемите реформи во јавните финансии е имплементацијата на интегрираниот информациски систем за финансиско управување– ИФМИС, со што ќе се подобри ефикасноста, преку поврзување на фрагментираните системи во јавните финансии и ќе донесе поголема предвидливост и контрола во спроведувањето на Буџетот. „Функционалната и техничката документација за проектот се подготвени, а обезбедени се и средства за изведба, додека Министерството за финансии во соработка со Светската банка е во финална фаза на подготовка на јавната набавка за развој и имплементација на ИФМИС“, истакнува министерот во својата колумна.
Сметководството и известувањето се силни страни на системот на управување со јавните финансии, додека транспарентноста на извршувањето на Буџетот е зголемена преку платформата Отворени финансии, но таа може и да се унапреди, се наведува во извештајот. Од другите заклучоци коишто се во сферата на надлежности на Министерството за финансии, ЕК оценува дека правната рамка кај јавните набавки има високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ. Правната рамка за Јавна внатрешна финансиска контрола е оценета во најголем дел како соодветна, но, како што се наведува, потребно е усвојување на новиот закон подготвен од страна на Министерството за финансии.
Во Извештајот од скринингот, ЕК посочува дека за време на енергетската криза во 2022 година фискалната и монетарната политика дале соодветен и добро координиран одговор, додека макроекономската стабилност е одржана.
Севкупно, ЕК смета дека Северна Македонија е на добар пат во развојот на функционална пазарна економија, но и дека треба да продолжи со реформите усвоени на Економскиот и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција. Значен дел од потребните реформи се направени. Сепак, треба да се направат и другите реформи и тоа во текот на преговорите, но и како членка на ЕУ во иднина. „„Патувањето е еднакво важно како и дестинацијата“, што значи дека пристапните преговори нѐ подготвуваат во стекнувањето реформска кондиција којашто ни е потребна не само за влез во ЕУ, туку и потоа како членка на ЕУ“, пишува министерот за финансии, Бесими.
Извор: Министерство за финансии