Започнавме реформска мерка со која овозможуваме матичните лекари да препишуваат хронична терапија за своите пациенти и со ова постигнуваме суштински промени и унапредувања за пациентите и за здравствените работници, истакна министерот за здравство д-р Фатмир Меџити при денешната посета на ординацијата на д-р Марта Тунџева , која е долгогодишен матичен лекар.
Посетата министерот Меџити ја реализираше на стартот кога во пракса матичните лекари започнаа да препишуваат терапија за дијабетес, астма, ХОББ, намалена функција на тироидна жлезда и хипертензија.
-Го олеснуваме административниот товар на матичните лекари како д-р Тунџева. Тие повеќе нема да треба да пополнуваат административни документи и само да препраќаат пациенти, туку ќе може да препишуваат терапија за своите пациенти. Со ова, ја зајакнуваме нивната улога и важност во здравствениот систем и им овозможуваме тие да ги дијагностицираат пациентите, нагласи Меџити.
Министерот за здравство Меџити ја потенцираше важноста на честиот контакт на матичните лекари со своите пациенти чија здравствена состојба многу добро ја познаваат, истакнувајќи дека оваа мерка, овозможува матичниот лекар максимално да се посвети на пациентот.
-Пациентите добиваат многу, тие сега веќе ќе може кај своите матични лекари да ги добиваат овие услуги наместо да мора да одат на Клинички центар или во секундарното и терциерното здравство. Нема да треба да губат време, да трошат средства за да завршат едноставна работа како препишување на терапија на пример. Ова им го олеснува секојдневието на пациентите и на нивните блиски кои се грижат за нив, рече Меџити.
Како многу важна придобивка од реформите Меџити го дефинираше и намалувањето на притисокот врз секундарното и терцијарното здравство. Според анализите на Министерството за здравство, околу 30% од пациентите кои дневно доаѓаат на Клиника доаѓаат кај специјалисти за продолжување на терапија или услуги кои со оваа реформа ќе може да ги добијат кај својот матичен лекар.
Овој важен реформски процес кој носи многу бенефиции за пациентите и здравствените работници ќе се одвива во повеќе етапи, првата која започна сега, следната која ќе биде можноста матичните лекари да направат упат за лабораториски анализи, а потоа и имплементација на сите останати делови од реформата, за кои е потребен подолг временски период за реализација.
Извор: Министерство за здравство