Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на отворањето на Талинскиот дигитален самит 2023 во Естонија.
Во продолжение ви го пренесуваме интегрално обраќањето на премиерот Ковачевски.
„Чест и задоволство е да се биде денес во Талин на Дигиталниот самит каде ќе се отворат многу важни теми кои ги поврзуваат технологијата и демократијата и ќе се дискутираат до крајот на конференцијата. Тука верувам ќе се сетираат патокази кои ќе обезбедат отпорни и отворени општества кои брзо и ефикасно реагираат на промени и предизвици.
Сакам да и се заблагодарам на премиерката Калас за поканата како и на организаторите. Моето обраќање тука доаѓа по блиската соработка која Северна Македонија ја има со Естонија особено на полето на дигитализација, од која очекуваме уште многу проекти за поголем и подобар пристап до услуги и решенија за нашите граѓани.
Јас сум тука пред сѐ да зборувам за достигнувањата, предизвиците и идните чекори на мојата земја, Северна Македонија, земја која што работи на дигитализацијата веќе 30 години, практично од првиот ден на нашата независност од 91 година. Ние сме мала земја, малку можеби поголема од Естонија, но ние сме и предводници во регионот во сегментот на телекомуникацијата и поврзувањето. Многу брзо по нашата независност, беше имплементиран телекомуникацискиот план за дигитализација на инфраструктурата што нас нѐ направи практично првата земја во регионот која прва ги замени аналогните системи со дигитални системи и ја оствари реалноста на дигиталната визија.
Пред 30 години како земја ја инициравме и изградивме дигиталната Трансбалканска линија во соработка со телекомуникациските оператори на Турција, Бугарија, Албанија и Италија и на тој начин обезбедивме диверзификација и комуникациска поврзаност исток – запад, со што се отвори врата за широка соработка на економиите и меѓусебно поврзување на граѓаните.
Со тоа се постави определбата на земјата за изградба на комплетна дигитална инфраструктура за телекомуникациско поврзување. И не сопревме тука, следеа сите модерни технологии кои станаа предуслов за развој на економијата како што е воведувањето на Мобилната телефонија во (ГСМ) технологија, развивањето на дигиталните дата комуникациски системи за податоци и пософистицирани сервисни архитектури.
Ја поддржавме определбата за изградба на оптика до секој дом и лидери сме во воведувањето на 5Г технологијата на пазарот. Со ова се создава инфраструктура за дигитално поврзување која нуди нови можности за развој на услуги и функционалности кои овозможуваат огромни придобивки за граѓаните, но и за развој на општеството и демократијата.
Исто така, многу важно за регионот, е што преземајќи ја обврската од Дигиталниот самит на Западен Балкан во 2018, ние заедно со земјите од регионот го укинавме роамингот за нашите граѓани, правејќи чекор напред во приближувањето кон Европската Унија.
Нашата посветеност да обезбедиме дигитална трансформација на општеството и приближување на европските стандарди е огромна и видлива. Во Северна Македонија во моментов 83% од домаќинствата имаат пристап до широкопојасен интернет, а 91% од компаниите користат различна технологија, како и широкопојасен интернет. Употребата на електронски услуги бара активен и интензивен ангажман за да се обезбеди европско ниво што е можно поскоро, а тоа го поставивме како приоритет во планот за дигитална трансформација наречен Дигитална Ера, како и во Националниот план за широкопојасен интернет со кој треба да се елиминираат т.н. бели зони и да се обезбеди ултрабрз интернет до оние семејства на кои им е потребен бидејќи земјата е покриена со оптика во домовите.
Воедно, дигиталната трансформација е вовед и основа за развој на повеќе полиња како што е сајбер безбедноста, но и користењето на вештачката интелигенција како идна можност за што побрзи и поефикасни услуги за граѓаните. Ние годинава ја претставивме АДА, првиот асистент со вештачка интелигенција кој за компаниите обезбедува асистенција при аплицирање за владина поддршка. Само во првите 48 часа од поставувањето, АДА имаше опслужено над 1.300 граѓани, што само ни дава увид во можностите и потребата за развој на овој тип на алатки врз основа на вештачка интелигенција и високи технологии.
Во оваа насока, сакам да напоменам дека нашата Влада е во процес на формирање на Агенција за дигитализација чија задача, пред сѐ, ќе биде консолидирање на напорите за брза и ефикасна дигитална трансформација и ќе биде посветена на четирите столба односно сајбер безбедност, ИТ инфраструктура, софтверски решенија како и фокус на академскиот дел и потребните обуки. Овој тип на агенција може да ги искористи и кадрите за ИТ коишто во моментов ги нема на пазарот. На мое задоволство, веќе сме во фаза имплементација.
Драги дами и господа,
Дигитализацијата како процес е одлика на демократски, отворени и транспарентни општества. Таа не само што обезбедува подобра и побрза услуга за граѓаните, влијае и на намалувањето на корупцијата која што игра сериозна улога во контекст на продолжување на нашиот европски пат и интеграција и посветеноста на зајакнување на владеењето на правото со што го подобруваме и општеството.
За сите овие процеси верувам дека клучна ќе биде поддршка од земјите како Естонија. Партнерствата во оваа смисла се клучни за надминување на предизвиците. Заедничката работа е основата за остварување на споделените заеднички цели – обезбедување на отворени, транспарентни и одговорни институции кои за граѓаните обезбедуваат поквалитетни услуги, а со тоа и заштита на демократијата.
Имаме јасни примери што дигитализацијата направи во Естонија и каква е придобивката за граѓаните. Ова знаење и искуство го користиме и ќе го искористиме и за понатамошни процеси. Дигитализацијата и искуството на Естонија и Балтичките земји се наши алатки кои ќе обезбедат забрзан чекор по европскиот пат и членство во ЕУ, како и имплементација на електронските услуги за граѓаните.
Како еден од примерите, во поглавјето за правосудство и фундаментални права, јас сум убеден дека дигитализацијата на судниците и обвинителството ќе помогне во реформирањето на правосудството, ќе ја намали корупцијата и ќе го подобри владеењето на правото за граѓаните. Во поглавјата за слобода на движење на стоки и работници, ќе обезбеди можности кои сега ги ограничуваат нашите граѓани да учествуваат во единствениот пазар. Дигитализацијата е нашата најсилна алатка за забрзувањето на нашето пристапување во Европската Унија и затоа е наш фокус и се наоѓа високо на владината агенда.
Ние мораме заеднички да посветиме внимание и на сите нови технологии, блок-вериги, вештачка интелигенција (AI), и Интернет на нештата (IoT) кои имаат сериозен потенцијал, но и претставуваат воедно предизвик особено во ова време на војна, кога нашата земја, особено земјите на Западен Балкан се мета на постојани хибридни и сајбер напади.
Владата на Република Северна Македонија активно работи на прилагодување на нашите закони за сајбер безбедност со стандардите на ЕУ и одблизу работи со нашите НАТО сојузници на оперативно ниво на зајакнување на отпорноста на нашето општество и институциите. Убеден сум дека овие две во комбинација побрзо ќе ја воведат дигиталната трансформација и безбедноста што оди рака под рака со неа.
Овие предизвици се основа за нашиот фокус за иднината. Предизвиците се оние кои нѐ тераат да размислуваме побрзо и подлабоко и да изнаоѓаме решенија кои обезбедуваат развој и прогрес. Таков јасен пример беше и забрзаната дигитализација која му се случи на светот поради пандемијата. Научивме многу од тоа, сега треба да ги имплементираме тие знаења.
Приоритетите се поставени, меѓу кои и дигитализацијата со цел да се обезбеди пред сѐ одржлив развој и тоа во многу сегменти како здравство, образование, индустријата и инфраструктурата, а ќе има позитивен импакт врз бизнисите и економијата, врз подобрувањето на социјалната и родова еднаквост, но и зајакнувањето на институциите.
Во таа насока, можностите кои ги нуди 5Г технологијата, пак, во областа на управувањето на кризи и обезбедување отпорност во тој поглед е, исто така, плодно поле за работа. Очекувам дека дигитализацијата ќе овозможи користење алатки и технологии со кои ќе се адресираат многу прашања врзани со заштитата на животната средина. Ова можам да го потврдам со оглед на фактот дека во екот на економско енергетската криза, Северна Македонија имаше огромен напредок во користењето на енергијата од обновливи извори, со што земјата практично ја направивме хаб на зелена енергија во регионот.
Но она што лично сметам дека заслужува најмногу внимание е развивањето на капацитетите на ИТ секторот и охрабрувањето на младите да си ја видат и најдат иднината во овој сегмент, но дома, во Северна Македонија. Ние и денес имаме одлично задржување на ИТ кадри кои произлегуваат од образовните институции затоа што условите за нив дома, со оние плати кои ги земаат во ИТ секторот, им обезбедуваат одличен квалитет на живот, притоа обезбедувајќи придонес и развој во македонската економија. Од овој аспект, Северна Македонија е одлична дестинација за дигиталните номади и искуствата на оваа тема се исклучително позитивни, потврдени од многу компании кои ги аутсорсираат своите бизниси во Северна Македонија но и македонски компании кои работат за компании надвор од државата.
Оваа Влада можам да потврдам дека е посветена сериозно на целосна дигитализација на јавните услуги. Во моментов преку порталот е-услуги дигитализирани се огромен број на јавни услуги. Работиме активно и на зголемување на обемот на достапни услуги сѐ до комплетна дигитализација. Ова секако го работиме и двонасочно, вклучувајќи од една страна зголемување на капацитетот на институциите за обезбедување на електронски услуги и дигитална писменост од друга страна.
Сето ова е потврда дека дигиталната ера не се случува преку ноќ. Нашата определба за неа датира од 1991. Денес со право можеме да кажеме дека ги имаме сите услови за дигитална трансформација. Имаме мрежа, имаме системи и со сигурен чекор без одлагање како во некои други времиња ги имплементираме сите процеси и се приближуваме кон европските вредности и начин на живот. Токму затоа и веруваме дека членството во ЕУ до 2030 година е остварлива и реална цел.
Би сакал да го завршам моето обраќање тука со следново.
Пред неколку дена, на почетокот на учебната година, премиерката Калас употреби една прекрасна мисла од Линколн: „ Најдобар начин да ја предвидите својата иднина е да ја создадете“. И тоа е прецизна дефиниција и основа за тоа што ние заедно како општества го правиме. Со заеднички напори градиме отворено, одржливо, безбедно, демократско општество, Европа во која идните генерации ќе имаат еднаков пристап до интернет и технологии, а со тоа и можности за личен и економски развој, користејќи ја технологијата за добро и за прогрес.
Би сакал да ви се заблагодарам за вашето внимание, на организаторите на овој одличен Самит и да посакам успешно одржување на истиот“.
Извор: Влада