Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски учествуваше во процесот на берба на грозје во неготинско, во месноста Лепово, на лозовите насади од винаријата Бовин. При тоа оствари средба со лозари и ја посети винаријата Бовин које е корисник на средства од ИПАРД програмата.
Лозарите оваа година се пред нов предизвик. Климатските промени, кои пролетва предизвикаа многу дождови, придонесоа да се развијат услови за појава на пламеница и пепелница и направија големи штети на лозовите насади. Од овие причини годинава родот е намален и со послаб квалитет. Ова беше и тема на денешната средба со лозарите, на која министерот Николовски искажа целосно разбирање за состојбата во лозарството.
„За мене и министерството ова е еден од најзначајните сектори и денес токму од тука сакам да упатам порака дека ниту еден лозар нема да биде оставен сам. Она што можам да го најавам е дека министерството веќе креира мерка за поддршка на лозарите. Јас овој предлог ќе го доставам прво до подсекторската група на разгледување, а потоа и до Владата. Идејата е да овозможиме финансиска поддршка за произведено винско грозје, но и за прв пат и за произведено трпезно грозје и тоа од најмалку 12.000 денари по хектар. По завршување на бербата, кога ќе ги имаме точните бројки, заедно со подсекторската група ќе ја поготвиме мерката и ќе ја предложиме на усвојување до Владата“, истакна министерот Николовски на средбата со лозарите.
Оваа година за прв пат почнуваме да го применуваме новиот модел на субвенции. Па така лозарите ќе добијат 30% или 12.000 денари до крајот на годинава, а остатокот од 28.000 денари, ќе им се доисплати во февруари, традиционално како и секоја година за празникот Св. Трифун.
„Сакам да потенцирам доколку кај некој земјоделц постои сомнеж за исплатата на субвенции по новиот модел, токму лозарството е гранка каде нема услов за минимални количини на произведено и набрано грозје, па затоа сите лозари независно од тоа колкава количина грозје произвеле, ќе ги добијат преостанатите 28.000 денари со поднесена изјава“, потенцираше министерот.
Неодамна беше усвоена десетгодишната Национална стратегија за развој на винарството и лозарството 2023-2033, која има амбициозни цели: зголемување за 50% во литри и евра на извозот на вино во шишиња, зголемување за 10% на вредноста на наливното вино во евра, воспоставување на најмалку три заштитени географски ознаки, минимум 10% од виното пуштено во промет да носи географска ознака до крајот на 2033 година, за минимум 30% обновуање на лозовите насади и зголемување за 5% на површината под лозови насади и 4% од лозовите насади да произведуваат органско сертифицирано винско грозје.
Министерот Николовски ги повика лозарите и сите заинтересирани да ја искористат можноста која ја нуди ИПАРД 3 програмата, Мерка 1, која поддржува подигање на лозови насади, при што заинтересираните треба да ги исполнат условите кои се пропишани во повикот. Пред се мора да се регистрирани во ЕРЗС и да поседуваат минимум 1 хектар обработливо земјиште. Мерка 1 предвидува и набавка на трактори, што е уште една можност за лозарите да аплицираат на повикот и да ја искористат поддршката. Сите потребни детали се наведени во јавниот повик кој е достапен на веб страната на Министерството, Платежната агенција и телото за управување со ИПАРД. Повикот трае до 15. октомври со можност да биде продолжен до 1. ноември.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство