Ревитализацијата на шумите во Северна Македонија и Албанија, е важна и за нашите држави, но и за исполнување на европските цели од Стратегијата за шумите на ЕУ до 2030 година, бидејќи природните екосистеми не препознаваат граници и бараат усогласено и одржливо управување“ – истакна министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, на настанот во комплексот „Кораб Трница“, Национален Парк „Маврово“, со кој беше означен почетокот на проектот „Инцијативата за северни шуми: Ревитализација на шуми во Северна Македонија и Албанија.
Проектот ќе се имплементира со примена на решенија базирани на природата (Nature-based Solutions), за обновување на шумскиот пејзаж во значајни области за зачувување на балканскиот рис, особено Буковиќ во Северна Македонија и Паштрик-Морина во Албанија.
Овој воведен настан ја означува заедничката посветеност на главните чинители во Албанија и Северна Македонија, за спречување на деградација на шумите и загубата на биолошката разновидност, поттикнување на одржливо управување со шумите и е предводник на движењето за позелена иднина за двете држави.
Проектот е заедничка заложба и соработка помеѓу Меѓународната унија за зачувување на природата – Регионалната канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (IUCN ECARO), Македонското еколошко друштво (МЕД) и Друштвото за заштита и зачувување на природните вредности во Албанија (PPNEA), поддржан од Министерство за животна средина и просторно планирање од Република Северна Македонија.
Во рамки на настанот, министерката Шукова оствари билатерална средба со директорот на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), Регионална канцеларија за Европа, Борис Ерг.
Воведно обраќање, освен Шукова и Ерг имаше и директорот на Националниот парк Маврово, Самир Ајдини.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање