Студентите од втора и повисоките години на студии кои аплицирале и ги исполниле условите за субвенциониран студентски оброк, за што добиле потврда од Министерството за образование и наука, заради остварување на правото, како следен чекор имаат обврска задолжително да се регистрираат на активната онлајн платформа на Шпаркасе Банка и да ги ажурираат своите податоци на https://netbanking.mk/studentPortal.
Потоа, ќе добијат информација преку СМС за точното време (најрано 24 часа од моментот на ажурирањето на податоците) и место за потпишување на договор за отворање на посебна сметка и за подигнување на наменскa студентскa Visa картичкa за субвенциониран оброк, преку која единствено ќе можат да ги користат средствата.
Министерството за образование и наука потсетува дека аплицирањето за ова право за кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар, трае од 27 септември до 2 октомври 2023 година. Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирањето може да се обрати на следниот контакт: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството.
Финансиската поддршка во износ од 140 денари е наменета за купување храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна. Паричниот надомест не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 1 октомври.
Извор: Влада