По повод одбележување на 47 годишнината од основање на локалната самоуправа, вечерва во Драмскиот театар – Скопје се одржа свечена академија на која присуствуваа градоначалникот Стевчо Јакимовски, членовите на Советот на Општина Карпош, претставници на општинската администрација, делегација од Каен (Франција), како и делегации од збратимените општини Сремски Карловци (Србија), Врњачка Бања (Србија), Стари Град – Сараево (БиХ), Травник (БиХ), Тиват (Црна Гора) и Лапта (Кипар).
Свеченоста започна со интонирање на македонската национална химна во изведба на шестоодделенецот од ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“, Даријан Симјаноски, а веднаш потоа беше проектирана видео репортажа за општина Карпош, по што се обрати и градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој меѓу другото говореше и за приоритетите на локалната самоуправа, како и за стратегијата за плански развој на општината.
- „Неизмерно сум среќен што не удостоија со посетата нашите збратимени општини, а упатувам посебен поздрав и до општината Флори Сур Орн од Франција. Вечерва, локалната самоуправа заработи уште еден процент акции од сопственото постоење или 47 проценти од нашата желба, Карпош да биде вековит. Четириесет и седмиот роденден не е само задоволство и среќа туку и голема обрврска за минатите сегашните и идните генерации каква општина градевме, градиме и ќе им оставиме. Главниот аргумент мора да биде интересот на сите граѓани, не само во потесното, туку и во поширокото опкружување и од Карпош да направиме место не само каде што ќе се живее, одмара, рекреира, туку и место каде што ќе се работи“ – посочи Јакимовски.
Првиот човек на Општината напомена дека карпошани сега ја чувствуваат локалната заедница како дел од себе и како место каде што во секој дел од денот, дури и во ноќните часови, можат да ја добијат поддршката од него и од општинската администрација.
- „Ќе повторам дека мојот мобилен телефон е јавно достапен на секој граѓанин не само од Карпош, туку од цела Македонија. Претпоставувам дека ова е редок случај каде што мобилниот телефон на еден градоначалник е јавно достапен до секој граѓанин, за да може во било кој момент да комуницира со оној кој тие го избрале да ја предводи локалната самоуправа. Искрено, морам да ви кажам дека не добивам повеќе од седум – осум повици за решавање на проблеми на граѓани во општина Карпош“ – рече Јакимовски.
Тој резимираше дека е дојдено е време кога треба да се размислува за квалитетни решенија во инфраструктурата, но и во делот на урбанизмот. Според него, запирање на инфраструктурните проблеми и урбанистичките планови е обид да се запре животот во Карпош, односно неговиот развој.
- „Во оваа пригода сакам да изразам благодарност на соработката со Агенцијата за млади и спорт и Владата на Република Македонија, затоа што плод на таа соработка е реконструкцијата на спортската сала Партизан 4, отпочнување на изградбата на новиот базен, изградбата на новите занимални во градинката Орце Николов, реконструкцијата на булеварот Манапо, мостот на улица Љубљанска преку реката Вардар, а на Градот Скопје за изградбата на кружниот тек на улицата Скупи и клучката на истоимената улица, како и пристапниот пат на улицата Љубљанска. Очекувам заедно со градоначалничката на Град Скопје, госпоѓата Арсовска, наредната година конечно да се изгради паркот во Карпош 4 на булеварот Илинден кој ќе се протега на неколку хектари, а чија што изградба чека на наша одлука. Убеден сум дека низ аргументирана расправа и континуиран дијалог ќе продолжиме да им служиме на граѓаните со една возвишена цел, да ни биде чест што сме нивни раководители, но и тие исто така да се гордеат што ние ја водиме општината“ – финишираше Јакимовски.
По повод 47 годишнината од своето формирање, Општина Карпош ги прогласи за свои заслужни граѓани, проф. д-р Никола Софијанов којшто е истакнат здравствен работник, педијатар и детски невролог, како и академикот Влада Урошевиќ, кој на јавноста и е познат како истакнат поет, прозен автор, преведувач, есеист, критичар и антологичар. Во оваа пригода, првиот човек на Општината им ги врачи плакетите на доктор Софијанов за неговиот извонредно голем придонес во афирмацијата на детската неврологија, како и на академик Урошевиќ за извонредно големиот придонес во полето на литературата и книжевната наука.
Во рамки на манифестацијата, градоначалникот Јакимовски им додели јубилејни награди (признанија), на тројцата административни работници, Жарко Јосифовски, Марина Дабеска Проданова и Мирче Блажевски, за нивното 40 годишно работно искуство и посветеност во работата на Општина Карпош. Во таа насока, првиот човек на Општината му врачи пофалница и на Ванчо Вељановски, за неговата 40 годишна посветена работа во една од јавните установи во општина Карпош.
По повод 47 роденден на локалната самоуправа, Советот на Општина Карпош додели и три награди за достигнувања во спортот. Поточно, каратистот Витомир Трајковски доби награда во висина од 50.000 денари за неговиот постигнат голем успех во полето на боречките спортови (карате). Мотоциклистот Слободан Ивчевски којшто е натпреварувач на БМУ – Европски шампионат во брзински мотоциклизам во класата формула 600, доби награда од 40.000 денари, за постигнат голем успех во мотоциклистичкиот спорт. Исто така, 14 годишниот мотоциклист Иво Стевков којшто е натпреварувач во класата MX – 85, доби парична награда во износ од 30.000 денари, за постигнатиот голем успех во мотоциклизмот.
Завршниот дел на свечената манифестација им припадна на младите карпошани односно на основците од Карпош, кои што настапија на театарската бина со повеќе културно – уметнички точки. Имено, основците од „Јан Амос Коменски“ настапија со исечок од мјузиклот „Гел“, којшто е прилагоден според култникот филм „Брилијантин“, а петоодделенката Лана Трпчевска од ООУ „Димо Хаџи Димов“ се претстави со монолог – извадок од претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски. Членовите на училишниот хор од ООУ „Димо Хаџи Димов“ ја изведоа композицијата за пијано и хор „Vivat musica“ од Aldonis Kalnins, а соучениците од ООУ „Лазо Трповски“ ја интерпретираа песната против врсничко насилство „Јас имам право“, којашто е адаптирана според текст на училишниот педагог Рената Поповска.
Извор: Општина Карпош