Во рамки на реалзација на проектот за реконструкција, рехабилитација и санација на локални патишта и улици, Општина Илинден отпочна со градежни активности за целосна реконструкција на главната улица во населеното место Бунарџик.
Со градежните активности кои се во тек се врши целосно реконструирање на улицата и нејзино асфалтирање во вкупна должина од околу 500 метри, како и изградба на отворени одводни канали кои ќе ја зафатат атмосферската вода од локалната улица. Дополнително на неколку локации во трупот на патот ќе бидат поставени цевасти пропусти се со цел да се одведе површинската и високото ниво на подземни води.
Оваа улица е од големо значење за жителите на населеното место Бунарџик бидејќи ги поврзува подрачното основно училиште „Ристо Крле“, Домот на култура со детското игралиште, како и централното игралиште за мал фудбал.
Средствата за реализација на овие активности се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден и истите треба да бидат завршени до крајот на месец ноември.