Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го одбележа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари со учениците од општинските основни училишта што учествуваат во новинарски секции.
„Со младите новинари од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ и ООУ „Киро Глигоров“ денеска разговаравме на многу теми, почнувајќи од Денот на мајчиниот јазик што се одбележува денеска, па се до предизвиците со кои се соочувам јас како градоначалник, начинот на кој работи и функционира Општината, екологијата, младите и нивното место во општинските активности. Ми беше задоволство да одговарам на нивните прашања, кои беа вистинско освежување за мене. Ветија дека интервјуто наскоро ќе го преточат во пишан збор, а јас им ветив дека следниот разговор ќе го снимаме со камера. Навистина се радувам на ваквиот интерес кај нашите ученици за учество во новинарските секции и се надевам дека еден ден тие и професионално ќе се посветат на новинарството, дејност која е исклучително значајна и одговорна“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Извор: Општина Центар