Во драматична завршница од финалето, кога буквално до последната секунда од натпреварот беше неизвесно кој ќе биде овогодинешниот победник на училишната кошаркарска лига на Карпош, тимот на ООУ „Владо Тасевски“ ја совлада екипата на ООУ „Јан Амос Коменски“ со еден кош разлика, со што го постави конечниот резултат од 50:49 во своја полза.
Финалниот меч помина во одлична атмосфера со изедначени сили на теренот, за што говори и статистиката по завршените четвртини. Имено, сè до последната четвртина, водството беше во рацете на младите кошаркари од „Коменски“. Првата четвртина, тимот од Тафталиџе ја доби со 14:13, додека пак на полувремето резултатот беше нерешен (25:25). Третата четвртина заврши со предност од три поени во корист на тимот на „Коменски“, така што кошаркарите го одржуваа водството до третата минута пред крајот на финалето. Меѓутоа во последните три минути, екипата од „Владо Тасевски“ со поголема концентрација и со одличен пресинг под обрачите, го совлада својот ривал и на крајот сосема заслужено го подигна победничкиот пехар.
Претходно, се одигра малото финале во кој кошаркарите од ООУ „Петар Поп Арсов“ го освоија третото место, совладувајќи ги своите соперници од ООУ „Војдан Чернодрински“ со 10 поени разлика (39:29).
Општина Карпош обезбеди еднократна парична награда во висина од 6.000 денари за најуспешните млади кошаркари, кои остварија најдобри резултати во рамки на училишната кошаркарска лига на Карпош. Имено, Иван Крстев од ООУ „Владо Тасевски“ беше прогласен за најдобар играч, позицијата најталентиран играч на овогодинешната лига ја зазема Никола Костов од ООУ „Јан Амос Коменски“, додека Павел Ѓиновски од истото училиште се стекна со титулата најдобар стрелец.
Локалната самоуправа ќе организира повеќедневна наградна спортска екскурзија за најуспешните млади кошаркари, како и за овогодинешните шампиони во училишната кошаркарска лига на Карпош.
Извор: Општина Карпош