Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, во присуство на претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска, имаше средба со ученици и наставници од СОУ Гимназија “Гоце Делчев” – Куманово и нивни гости од повеќе средни училишта од странство, кои се дел од повеќе проектни активности, во рамки на европските образовни иницијативи.
Во периодот од 21-28 март, кумановската гимназија е домаќин на група ученици од островот Мартиник, Франција, кои работат на темата “Здрава исхрана на твојата чинија” и на група ученици од Полска, кои учествуваат во проектот “Наставата локално, соработка глобално” – иновативни пристапи во наставата наменета за јазик, математика и дигитални вештини.
Оваа мобилност е резултат на континуирана меѓународна соработка, воспоставена преку претходно успешно реализирани проекти: “30 е многу доцна” и “Дигитализирај се”, во партнерство со училиштето од Нови Двор Мазовјецки, Полска и “Одржливо инклузивно образование”, реализиран со училиштето од Форт де Франс, Мартиник. Програмата опфаќа и културно – едукативна компонента, предвидена е посета на Охрид и Скопје, каде учениците ќе имаат можност да се запознаат со културно – историските обележја и традицијата на македонскиот народ. Сите наведени проекти успешно се реализирани под водство на наставничката по информатика Јасмина Денковска, која и во текот на оваа недела ја координира реализацијата на проектните активности.
Меѓународната размена претставува пример за современото образование, кое преку соработка, мобилност и иновации, придонесува кон развој на компетенции релевантни за 21 век, зајакнување на интеркултурниот дијалог и градење на отворено и инлузивно општество.

Извор: Општина Куманово























