spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниЦентар: Бесплатен офталмолошки преглед за првачињата

Центар: Бесплатен офталмолошки преглед за првачињата

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, потпиша Меморандум за воспоставување соработка со Санте Плус Хоспитал Груп, каде што ќе се обезбедат бесплатни услуги за офталмолошки прегледи за учениците што ќе се запишат во прво одделение во основните училишта во Општина Центар во учебната 2021/2022 година.

„Би сакал да му се заблагодарам на целиот тим на Санте Плус Хоспитал Груп кој ја препозна потребата и ѝ даде поддршка на нашата иницијатива. Со потпишувањето на овој Меморандум за соработка ќе обезбедиме бесплатни офталмолошки прегледи за околу 600 првачиња што треба да се запишат во општинските училишта во Центар, а родителите ќе ги ослободиме од дополнителен трошок за здравствени прегледи. Нашата соработка ќе продолжи и во наредниот период за да се реализираат проекти што се во интерес на здравјето на нашите ученици“, изјави Богдановиќ.

Во новиот Закон за основното образование е предвидено при упис во училиште да се доставува и потврда за офталмолошки преглед бидејќи раниот скрининг и детекција на оштетување на видот значително може да го помогне третманот и во одредени случаи да спречи целосно слепило.

„Ја поздравуваме и со задоволство ја поддржуваме иницијативата на Општина Центар. Ние, како општествено одговорна компанија, ќе обезбедиме бесплатни офталмолошки прегледи за сите деца што треба да се запишат во прво одделение на територијата на Општина Центар“, наведоа од Санте Плус Хоспитал Груп.

Уписот на ученици во прво одделение во општинските основни училишта ќе трае до 31 мај. Покрај потврдата за офталмолошки преглед, родителите треба да достават и потврди за вакцинален статус и извршен стоматолошки преглед, како и лична карта од родител. Родителите ќе можат да ги достават потребните документи со физичко присуство или електрoнски преку официјалната веб-страница www.uslugi.gov.mk

Извор: Општина Центар 

Прочитајте

Битола: Интензивни работни активности на Јавните претпријатија

0
Поволните временски услови изминатиот викенд, овозможија непречено спроведување на работни активности на јавните претпријатија на повеќе локации. Јавното претпријатие Комуналец во соработка со Општина Битола,...