spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeСтатииДАЛИ „ОТВОРЕНИТЕ ЛИСТИ“ се решение на Проблемот со претставувањето?

ДАЛИ „ОТВОРЕНИТЕ ЛИСТИ“ се решение на Проблемот со претставувањето?

 

Политиколозите обично мразат математика. Изборните модели се единствените алгебарски равенки кои секој политиколог ги учи и ги памети уште од прва година на студиите. Тоа е затоа што изборниот модел го дава одговорот на најважното прашање во политиката – кој владее?

Претставувањето (репрезентативноста) пак, во смисла на изборните модели, се огледува на четири начини – географска репрезентативност, претставување на идеолошките разлики, отсликување на партиско-политичката реалност и отсликување на нацијата како концепт на дескриптивна репрезентативност.

Според теоријата, поделбата на изборните модели се прави според критериумот за распределба на пратеничките мандати, на: мнозински модел (победник е оној кој освоил поголем број гласови), пропорционален модел (застапеност според бројот на освоени гласови), и мешовити модели со најразлични варијации. Пропорционалниот модел е познат преку неговите два основни подмодели – пропорционален модел со фиксни (затворени) листи и единечен пренослив глас (Single Transferable Vote – STV). Традиционален и широкоприфатен пристап во светот и кај нас е пропорционалниот модел со фиксни изборни листи, каде спаѓа и македонскиот изборен законик, во делот на изборот на советници во советите на општините и Градот Скопје, како и изборот на пратеници во Собранието. Мнозинскиот модел кај нас се употребува во изборот на градоначалници и Претседател на Републиката.

Критичарите на пропорционалниот модел со фиксни (затворени) листи се доста гласни во овој период. Главно критиката е дека со овој систем постои намалена врска помеѓу избирачот и избраниот, затоа што понудените кандидати ги номинира политичката партија, па тие повеќе се трудат да им се допаднат на внатрепартиските носители на одлуки, а помалку на граѓаните.

„Помалите“ партии на македонската политичка сцена зборуваат и за доминација на поголемите партии при изборите, иако тоа повеќе се однесува на изборните единици. Теоретската јавност ја додава и зголемена поларизација на политичките партии која од своја страна создава и поделеност на граѓанството. Затоа, како алтернатива на овој модел се разгледува моделот на единечен пренослив глас (отворени листи).

Во Република Ирска, 166те членови на Парламентот се избираат во 40 изборни единици, а секоја изборна единица „тежи“ три, четири или пет мандати. Гласањето се врши така што гласачите го наведуваат кандидатот кој сметаат дека е најдобар, а дозволено им е и да ги рангираат останатите кандидати. Важно е да се напомене дека гласачите можат да рангираат кандидати и од други партии, па затоа одреден дел од нив гласаат според географската припадност на кандидатите според местото каде живеат, а не според партиската припадност на кандидатите.

Во Малта пак, на парламентарните избори, земјата е поделена на 13 изборни единици, од кои сите се со приближно иста големина на население. За разлика од Ирска, во секоја изборна единица се избираат ист број пратеници (пет), каде секој мандат одговара на приближно 4200 регистрирани гласачи.

На гласачкото ливче, кандидатите се наведени по азбучен ред на партиските листи. Гласачите ги изразуваат своите преференции со поставување на последователни броеви до имињата на кандидатите. При изборот не мора да се рангира секој кандидат, а може да се рангираат и кандидати од различни партии.

Смислата на овој модел е дека се гласа за поединечен префериран кандидат од избраната листа. Во принцип, тоа би значело дека на избори заокружувате за оној кандидат за кој сметате дека е најдобар и/или и за листата која е Ваш избор. Во други подваријанти, на гласачите им е дадена можноста да изберат повеќе преферирани кандидати или пак да ги рангираат сите предложени кандидати според нивните желби.

Согласно тоа, кандидатите кои ќе надминат претходно утврдена квота на гласови (во најголем број од случаите се употребува т.н. Друпова квота), го добиваат мандатот. Преостанатите гласови над или под квотата се пренесуваат по одреден метод на (полошо/подобро)рангираните кандидати.

Во некои случаи, доколку не се избрани доволен број претставници од дадената партија според преференцијалните гласови или пак кандидатите не ја надминале квотата, останатите слободни места се пополнуваат според листата на предлагачот. Доколку се размислува креативно, се појавуваат бројни можни алтернативи, меѓу кои и онаа во која само носителот на листата има загарантиран мандат, додека за сите други кандидати, гласачите избираат преференцијално.

Поддржувачите на моделот на единечен пренослив глас ги сметаат како позитивни карактеристики поголемата можност на гласачот да избере кој точно сака да биде негов претставник, намаленото влијание на партиите како брендови зад кои стојат релативно непознати кандидати, зголемената внатрепартиска демократија, избор на квалитетни кандидати од помали партии, силни независни кандидати и поголема претставеност на граѓаните.
На тој начин, очекувано е дека врската помеѓу избирачите и партиите, но и партиите и кандидатите ќе слабее, за сметка на индивидуализираната врска помеѓу кандидатите и електоратот.

Во последниот период, „помалите“ политички партии на македонската политичка сцена сериозно лобираат за воведување на модел на отворени листи. Меѓу другото, како предност тие сметаат дека промените ќе овозможат самостоен настап на партиите и формирање постизборни коалиции со подемократски влади без апсолутна доминација на една од најголемите партии.

Сето тоа со еден заеднички именител – засилена врска помеѓу избраниот и избирачот. Звучи одлично така?
Во следните колумни ќе ги разгледаме негативните страни на овој модел кој се претставува како некој вид утопија, како и можните алтернативи.

Пишува: Стефан Андоновски, магистер по меѓународни односи, Универзитет Џонс Хопкинс, САД

Извор: Javnaadministracija.mk

Прочитајте

Џафери: Се најде решение за учениците од Медресето Иса Беу во...

0
Денес, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, имаше средба со Реисул -Улемата на Исламската верска заедница во Република Северна Македонија, Хз....