Во Ликовниот салон во Велес се одржа промоција на најновата книга поезија на реномираниот писател Игор Крајчев, со наслов „Лудило. Писма. Откровение.“. Во присуство на Градоначалникот Коцевски и вљубеници на пишаниот збор, поетското дело на Крајчев го промовираше проф.д-р. Венко Андоновски. Тој Крајчев го споредува со Рацин и ќе рече дека е гордост книжевна на Велес, препознатлив по својот сопствен поетски вокабулар и стилистика.
„Постојат моменти кога поетот конечно се одлепува од сите ограничувања на поезијата, тоа не го дочекува секој поет во својот живот, тоа се случува само кај одбрани поети. Човековото суштество без храна може седум недели, без вода пет дена а без смисла не може ниту една единствена секунда, оваа книга со троен наслов е фактички барање на смислата во себе“, истакна Андоновски.
Свое видување за книгата на Игор Крајчев даде и Кристина Николовска, член на Организацискиот одбор на Меународната поетска манифестација „Рацинови средби“. Стихови од книгата на Крајчев читаа вљубеници на пишаниот збор.
Промоцијата на најновото книжевно дело на Крајчев се одржа во деновите на чествувањето на 58. Рацинови средби.
Извор: Општина Велес