spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниВелес: Добитник на Рациновото признание за 2021

Велес: Добитник на Рациновото признание за 2021

На прес конференција, Градоначалникот Коцевски во својство на претседател на Организацискиот одбор на меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“ ги соопшти одлуките за доделување на Рациновото и Почесното Рациново признание за 2021 година.

Годинава, жири комисијата во состав Христо Петрески (претседател) и членовите Стефан Марковски и Делвина Крлуку, одлучи престижната награда Рациново признание за 2021 година да му се додели на писателот Милован Стефановски за романот „Теорија за кучешка година“.

„Новиот роман „Теорија за кучешка година“е шести по ред роман на авторот кој се определува за исповедна наративна стратегија. Романот е компониран според драмски урнек и поседува проложен, исповеден и завршен дел. Во овој невообичаен по многу нешта роман е сместен еден човечки живот преку врамување на спомените од заедничките и личните судбински нешта“, истакна претседателот на жири комисијата Христо Петрески.

Добитникот на Рациновото признание се заблагодари на жирито и на Општина Велес за наградата и рече дека огромна чест е затоа што наградата ја добива во сериозна конкуренција од 27 книжевни дела, кои пристигнале на конкурсот за Рациново признание.

„Ми претставува особена чест што ја добив оваа голема награда особено поради тоа што е во чест на големиот Кочо Рацин. Коста Апостолов Солев Рацин за припадниците на мојата генерација претставува еден вид книжевна икона која искрено и со голема почит ја примавме ние вљубениците на пишаниот збор“, истакна Милован Стефановски.

Организацискиот одбор во состав Аце Коцевски, претседател и членовите проф. Кристина Николовска, проф. Људмил Спасов. Проф. Гоце Ристовски и проф. Стефани Андреевска, донесе одлука почесното Рациново признание за афирмација и популаризација на македонската литература и култура, надвор од границите на Република Северна Македонија да се додели на Ала Генадјевна Шешкен, руски славист и македонист од Руската Федерација.

„Престижната награда ја добива за нејзината промоција на македонски јазик, книжевност и литаратура како редовен професор на Московскиот Државен Универзитет „Ломоносов“. Ала Шешкен е автор на повеќе од 200 научни трудови од областа на македонсистиката и славистиката објавени во Русија и во други држави. Македонската Академија на науките и уметностите и го додели Меѓународното признание „Блаже Конески“ за посебен придонес во проучување и афирмација на македонската литература и македонскиот јазик“, истакна Коцевски.

Наградите на овогодинешните добитници ќе им бидат врачени на свечена церемонија што ќе се одржи во сабота во театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, по повод 58. Рацинови средби, во чија чест ќе се одржи претставата „Петтото годишно време“.

Педесет и осмите Рацинови средби ќе се одржат на 11 и 12 јуни 2021 години на повеќе локации во градот, а главната свеченост ќе се одржи на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.

Сите настани кои се дел од 58. Рацинови средби ќе бидат одржани според протоколите и мерките за заштита од Ковид-19.

Извор: Велес

Прочитајте

Јегуновце: Работна посета низ повеќе населени места

0
Градоначалникот на општина Јегуновце беше на работна посета низ повеќе населени места во општина Јегуновце каде направив увид на започнати проекти: Во завршна фаза е...