Министерот за надворешни работи Бујар Османи, оствари средба со актуелниот претседавач со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде.
На средбата главна тема на дискусија беа активностите во рамките на ОБСЕ, актуелното претседавање на Шведска со организацијата и претстојното претседавање на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023.
„Споделуваме исти заложби и вредности и во тој контекст претседателствата на нашите земји со ОБСЕ, заедничкото учество во Тројката претседавачи, претставува одлична основа за отпочнување на нашите подготовки за превземање на кормилото со оваа значајна Организација во 2023 година и секако можност за проширување и интензивирање на меѓусебната комуникација, како дополнителен импулс и за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји“, истакна Османи.
Османи информираше за досегашните постигнувања во спроведувањето на реформите особено во областа на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата, човековите права, слобода на медиумите и родовата еднаквост.
Министрите разговараа и за европското досие на Северна Македонија и за претстојните аспекти кои ќе доведат до унапредување на нашата интеграција кон ЕУ.
„Северна Македонија го исполни својот дел од обврските, факт што неколку пати беше констатиран од сите релевантни ЕУ институции, но и многуте шефови на држави и влади како и министри за надворешни работи и европски прашања на земјите членки на ЕУ. Сметам дека пораките што ЕУ ќе ги испрати, ќе бидат во насока на потврда на постигнатото и ќе дадат импулс на земјата и целиот регион да продолжиме со имплементација на реформите кои значат конвергенција со европските правила и стандарди, но уште повеќе, ќе не охрабри да продолжиме и со политичкиот дијалог за надминување и на најтешките прашања“, нагласи Османи.
Министерката Ан Линде ја поздрави посветеноста на Владата во спроведувањето на реформите, истовремено поздравувајќи ги подготвителните активности за нашето претседавање во 2023, наведувајќи дека со истите Северна Македонија покажува голема сериозност и посветеност која сигурно ќе гарантира успешно претседавање.
Османи ја искористи посетата на министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде, на Скопје за да и го врачи постхумното признание по повод 30 години независност, за Ана Линд, поранешна министерка за надворешни работи на Шведска и претседавач со Советот на ЕУ во 2001.