„Недела, ден на неделен одмор е предизборно ветување и вградено во Владината програма. Тоа претставува испорачување на баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот на работниците. Само за дејностите кои се неопходни за функционирање на државата ќе има исклучоци и тоа се четириесетина дејности. Оние работници кои ќе работат во недела ќе добиваат дневница за најмалку 50% додаток на редовната дневница и ден за неделен одмор во следните седум дена“, посочи министерката Шахпаска во гостувањето во емисијата „Што мисли Народот“ на Телевизија Стар.
Министерката потенцираше дека за ова законско решение заедно со социјалните партнери се дискутираше шест месеци и беа одржани пет седници на Економско социјалниот совет.
„Заедно со Организацијата на работодавачи, Сојузот на синдикати, репрезентативните и не репрезентативните синдикати, Сојузот на стопански комори, отворено разговаравме за сите прашања и имавме слух за сите засегнати страни. Притоа, неопходна беше измена и во Законот за трговија и работата на моловите, каде како предуслов да работат во недела беа поставени скратено работното време, слободен ден за неделен одмор и 100% дневница.
Таа нагласи дека само 30% од работниците кои се во дејностите кои се исклучоци ќе работат во недела. Тоа се само 8% од вкупниот број на работници, што значи дека 92% од работниците во државата нема да работат во недела.
Ова законско решение предвидува и 2% од прометот да биде уплатен во Буџетот за изградба на детски градинки.
„Работа од дома, работа од далечина, договорите на определено време, колективното договарање, работното време, новиот концепт на породилното отсуство се дел од измените со новиот Закон за работни односи на кои интезивно работиме изминатиов период. Креираме законско решение кое ќе одговори на денешното современо време, земајќи предвид дека последниот Закон за работни односи е донесен 2004 година и оттогаш направени се бројни измени“, рече министерката Шахпаска.
Таа истакна дека драфт верзијата на Законот за работни односи е завршена, следува јавна расправа во работната група која работеше на подготовка на ова законско решение, а потоа и поширока дебата со цел да се слушне мислењето и на работниците и на работодавачите. До крајот на годината ова законско решение треба да биде донесено.
Како дел од измените во Законот за работни односи, министерката Шахпаска го посочи и законското решение кое се однесува на договорите за работа кои престануваат со навршени 64 години возраст и 15 години стаж.
„Ова законско решение ги изедначува жените и мажите и согласно Уставот не смее да се прави дискриминација по основ на пол и род. Меѓутоа, важечкото законско решение за пензиско и инвалидско осигурување во членот 18, дава право на жените со навршени 62 години да поднесат барање за одење во пензија. Притоа, исклучоци се предвидени во сферата на здравството и високото образование во наставно -научниот кадар“ подвлече министерката Шахпаска во однос на прашањето за пензионирање.