spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКарпош: Системска поддршка за Младите

Карпош: Системска поддршка за Младите

Прирачник за работата на локалните младински совети претставува водич за ова претставничко тело на младите, кое на дневно ниво, но и на среден и долг рок, ќе им претставува поддршка, олеснување на административните процедури за работа, пренесување на работата на советот на идните членови и сл.

Се одржа презентација на овој прирачник, кој е подготвен од страна на Агенцијата за млади и спорт, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и од претставници на повеќе младински организации.

На денешниот настан, еден од говорниците беше и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, кој е најмлад градоначалник во Македонија и има долгогодишно искуство во младинскиот сектор.

Запрашан за статусот на Локалниот младински совет во Карпош, Богоев истакна дека формирањето на ова младинско тело е речиси во завршна фаза. Завршува јавниот повик за пријавување на членови, откако претходно се формираше и Локалното собрание за млади.

  • Многу е важно овој локален младински совет да биде навистина функционален и активен. Во повеќе наврати имам посочено дека, пред се, важно е тоа да биде креативно и активно тело за млади, а не само орган кој „постои на хартија”. Тоа подразбира да креираат активности и проекти за млади, да се вмрежуваат со основните, средните училишта на локално ниво, да воспостават соработка со приватниот сектор… Општина Карпош апсолутно ќе им биде поддршка, од секој аспект, но главната иницијатива, идеја мора да дојде од младите, рече Богоев.

Локалната самоуправа веќе има назначено и службеник за млади, а во постапка е и изнаоѓање на простор за отворање на канцеларија за млади. Ова се обврски согласно Законот за младинско учество и младински политики.

Сепак, надвор од формалните и законски обврски, градоначалникот Богоев посочи дека Карпош интензивно годиниве работи на создавање на „клима“ за поддршка на младите луѓе и младинските организации.

  • Создадовме мобилна апликација, „мЗаедница“, која најчесто ја користат младите, а летово, во општинската администрација посетуваат пракса средношколци од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“. Ова не ни претставуваше законска обврска. Но, токму овој отворен пристап, соработка со сите чинители и активна транспарентност, придонесе Карпош да биде најтранспарентна институција во државата, заедно со Министерството за одбрана. А, транспарентноста значи законско и одговорно работење, кое е во интерес на сите граѓани, кажа градоначалникот.

Во завршниот дел, Богоев одговараше и на прашања на присутните млади, при што кажа дека земјава има квалитетни закони во повеќе области, но проблем е имплементацијата, а даде осврт и на стратешката цел на Северна Македонија – членството во Европската унија:

  • Важно е доследно да го спроведуваме Законот за младинско учество и младински политики, да постои реален притисок од младите, организациите, медиумите. Затоа што џабе нѝ е нас Закон за млади, ако тој де факто се спроведува во 5-6 општини, а другите „спијат”.

Оваа држава има одлични закони во повеќе сфери, проблем е имплементацијата. Е, тука носиме одговорност и ние институциите, но и другите чинители. Наместо да чекаме нови датуми, можеме вредностите на ЕУ забрзано да ги спроведуваме во пракса, на локално и национално ниво. Датумот ќе дојде, но најважно е младите, па и сите граѓани навистина да почувствуваат дека ЕУ значи подобар живот, повисоки плати, работни места за млади, нови училишта, градинки, бенефиции за студирање и др, заврши градоначалникот.

Извор: Општина Карпош 

Прочитајте

МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни...

0
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја...