spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниГевгелија: Премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче во посета

Гевгелија: Премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче во посета

Во работна посета на Општата болница со проширена дејност- Гевгелија, денеска, беа претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче. Имено, заедно со градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков и директорот на Општата болница- Гевгелија, д-р Митко Крџев, направија обиколка на болницата и извршија увид во новоизградената Хируршка сала и набавената нова опрема за хируршки интервенции, Центарот за дијабетес и Одделот за физикална терапија. На увидот присуствуваа и пратеничките Марија Костадинова и Драгица Ѓавочанова.

– Продолжуваме со низата капитални инвестиции во правец на подобрување на здравствените услуги за нашите граѓани кои се спроведуваа и се спроведуваат паралелно со целосната посветеност на здравствените работници во борбата со пандемијата. Вкупната вредност на работите што беа изведени изнесува 375.000 евра и беа опфатени и други значајни дополнувања како што се новиот центар за дијабет, нова комплетно опремена лабораторија, Амбуланти за неврологија, урологија и ортопедија, и современи чекални, истакна премиерот Заев и како особено значајно ја издвои новоизградената современа Хируршка сала и набавката на медицинска опрема во вредност поголема од 250.000 евра за Салата за хирургија, за Центарот за дијабетес и за Одделот за физикална терапија, истакна Заев во изјавата за медиумите.

– Болницата сега располага и со нов ехо-апарат на Одделот за рентген дијагностика и со комплетно реновирани Одделенија за хирургија, за нервни болести и за гинеколошко акушерски болести, објасни премиерот Заев и рече дека со сите овие сериозни вложувања во болницата, како и во голем број други јавно здравствени установи, Владата ја потврдува својата цврста определба за градење на одржлив и ефикасен здравствен систем кој ќе им биде силна потпора на граѓаните.

– После 60 години, за првпат во Општата болница- Гевгелија е направена нова операциона сала со најсовремена опрема. Ова е само едно од низата реновирања кои беа направени во изминатите две години во оваа болница. До крајот на годината, оваа болница ќе добие апарат за компјутерска томографија, што многу ќе го олесни пристапот за вакви испитувања, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче при посетата на болницата, истакнувајќи дека близу 30 милиони евра во изминатите три години се вложија во зголемување на примањата на здравствените работници во нашата земја.

– Драго ми е што сè повеќе млади доктори патот не го гледаат надвор од нашата земја и сакаат да работат тука во нашите здравствени установи.

Директорот на Општата болница во Гевгелија, д-р Митко Крџев истакна дека пуштањето во употреба на новата Хируршка сала заедно со реконструираното Одделение за невропсихијатрија значи создавање подобри услови за престој на пациентите:

– Градиме стандарди за лекување, дијагностика и престој на нашите пациенти и се надевам дека нивните впечатоци, како и на денешните присутни, се позитивни.

Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, го поздрави присуството на премиерот Заев и министерот Филипче и изрази голема благодарност до Владата на РСМ и Министерството за здравство за несебичното вложување во подобрување на здравствениот систем. Посебно, за Општата болница- Гевгелија која веќе е здравствена установа со скоро сите исполнувачки критериуми за квалитетни здравствени услуги за граѓаните од општините Гевгелија, Богданци и Дојран, за кои и е надлежна. И, за изградбата на КОВИД- модуларниот центар, за што Општината ги обезбеди сите предуслови за изградба на истиот. Имено, локалната самоправа помогна во зголемување на капацитетот на болницата за справување со напливот на пациенти заболени од Корона вирус, за што со средства од Буџетот на Општината беше изграден и Дневниот КОВИД-центар, како и со многу други донации.

Извор: Општина Гевгелија

Прочитајте

Битола: Интензивни работни активности на Јавните претпријатија

0
Поволните временски услови изминатиот викенд, овозможија непречено спроведување на работни активности на јавните претпријатија на повеќе локации. Јавното претпријатие Комуналец во соработка со Општина Битола,...