spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниО.Кочани: Пожарот е целосно локализиран

О.Кочани: Пожарот е целосно локализиран

Целосно е локализиран и е ставен под контрола пожарот што избувна вчера околу 13 ч. во близина на кочанското село Бели, а во текот на денот ветерот го рашири во неколку правци. На одделни места во близина на селото Тркање од рано утринава сѐ уште се забележува чад од опожарениот шумски појас и нискостеблестата вегетација. По извршената контрола утрово констатирано е дека нема опасност од негово повторно ширење, но на терен и понатаму ќе останат противпожарните единици.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев известува дека во тек е гасењето на пожарот во атарот на планински села во Осоговијата, каде гори дабова и букова шума, и каде освен со воздухопловна поддршка, невозможна е друга интервенција. Хеликоптерите на Армијата од 6 часот веќе дејствуваат на тој терен.

Околу 500 припадници на територијалните противпожарни единици од повеќе градови во државата, припадници на Армијата и месно население ноќеска учествуваа во гасењето на огнената стихија која се прошири во линија од десетина километри. Во изминатото деноноќие таа сериозно ги загрози населбите на западната страна од градот, поголем број производствени капацитети во зоната Лесна индустрија, склад со течни горива и гас, како и земјоделски површини со лозови и други насади. Опожарени се неколку куќи, складот со дрва на Национални шуми и хаварисано возило. Штетите допрва ќе се проценуваат.

Доцна  ноќеска во Кочани пристигнаа претседателот на Владата Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, кои заедно со градоначалникот Николчо Илијев го координираа гасењето на пожарот.

Градоначалникот Илијев упати благодарност до сите сограѓани кои помогнаа во гасењето на пожарот, до војската и полицијата, до противпожарните единици од Кавадарци, Велес, Штип, Пробиштип, Македонска Каменица, Виница, до Град Скопје од каде пристигнаа неколку цистерни кои дадоа огромен придонес во локализирањето на пожарот. Тој истакнува дека и во оваа непогода Кочани покажа дека има пријатели коишто несебично помагаат и дека со солидарност ќе биде победена и оваа стихија.

Извор: Општина Кочани

Прочитајте

Битола: Завршени потребните подготовките за прифатилиште, се чека одобрение од АХВ

0
Со вклученост на сите релевантни субјекти и средства од сопствениот буџет, Општина Битола, ги направи подготовките за отворање на прифатилиште за бездомни животни. Градоначалникот...