Добро вечер Гевгелија,
Добро вечер за градот на сонцето, градот на убавите луѓе, градот кој што ја направи Македонија изминатите години, но за жал последните 4 години овој град, како и самата наша Македонија за жал стагнира.
Добро вечер ВМРО-ДПМНЕ, добровечер браќа и сестри,
Гевгелија носи посебно место во нашите срца. Ова е градот каде во исто време мириса на планинскиот воздух од Кожув, и на медитеранските струи од југот.
Но од вечерва, има и еден друг мирис, тоа е силно изразен а тоа е мирисот на промените. Во Гевгелија тие ќе се случат затоа што тоа народот го бара и посакува, а промените ќе се случат затоа што е време.
Гевгелија раѓала грамадни големини низ времето. Овде луѓето на организацијата биле страв и трепет за поробувачите. Историски Македонија ги памети синовите и ќерките на овој град, како војводите Аргир Наков Манасиев, Леонид Јанков, партизаните Јосиф Јосифовски, Иван Дојчинов. Но и оние кои со перо се бореа за каузата и оставаа дела зад себе како Илија Џаџев, Камберски, Старделов и други. Овие имиња ги изговарам и на нив потсетувам само за да го доловам богатството на нашиот идентитет, затоа што оваа почва раѓала јунаци подготвени за пушка, но и со перо и хартија да се борат за своите идеали.
Не помала задача имаме и ние современиците денес. Помина тоа време кога пушката имаше значење, но овој пат наша задача е да ја извадиме земјата во хаосот и апатијата во која е фрлена и оставена од неодговорните и неспособни луѓе.
Апатијата во која се наоѓа Македонија не е само последица од една грешка или повеќе грешки, туку од еден континуитет на погрешни одлуки и владеења кои оставаа белег на секоја една генерација млади луѓе.
За жал имаме општество каде се владее преку делби и конфликти, а секоја акција во тој поглед подразбира и соодветна реакција. Така во животот. И се та така се врти во еден ист магичен круг. И затоа народот си мисли се најлошо за нас политичарите, не само за нас политичарите туку и за политиката како таква и често пати кога зборуваме за нас политичарите и политиката на народот му доаѓа чувство на гадење. А што друго би помислиле кога секој ден слушаме афери, скандали, неправди… И една сеопшта психоза каде актуелната власт се претвора во убиец на секоја надеж. Тие сакаат да ја убијат секоја надеж за да не гледате и расудувате јасно и да мислите дека буквално сите ние сме исти. Но не е така, не сме сите исти. Сето ова е надополнето со една кампања на релативизирање. Релативизирањето кое го прават само за да замајат едно наше искрено чувство на поинаква перцепција.
На што точно мислам ќе објаснам пластично.
Ќе излезе некој огромен скандал, а такви имаме на дневна основа. Било да се провизии за вакцини, лажни пасоши, некој директор фатен со туце пари или нешто слично. Тука се гласноговорниците на власта, да потсетат и набедат дека тоа не било толку лошо, затоа што се правело и порано, а тоа што било порано како по дефиниција го опишуваат како најлошо. Но не им верувајте. Тоа е рецептот да си помислите, а и вие самите да се убедите дека сите се исто зло се сите.
Да ви кажам, не сум ниту судија, ниту полицаец, и народот добро споредува и оценува кој што правел, но знам дека на сцена имаме нова генерација на политичари во ВМРО која ќе го победи овој режим од власт, и оваа стагнација и апатија и песимизам.
И затоа стојам овде пред вас и барам доверба за овие луѓе. И да ви кажам уште една работа, можат да проговараат за многу работи, но на ВМРО за денес, или било кога порано не може да му проговараат за една работа, а тоа е дека сме способни, подготвени и работливи. Помножено сто пати повеќе во однос на оваа неспособна власт која што денеска пустоши во Македонија и овде во Гевгелија, и она што ВМРО-ДПМНЕ како проект ќе го осмисли, науми, тоа и ќе го реализира. Никогаш не се плашиме од работа.
Затоа денес сме тука во Гевгелија. Доаѓаат локални избори кои се многу повеќе од локални. И сакам да испратам неколку пораки до нашиот кандидат Андон Сарамандов кој е најдоброто решение за Гевгелија.
И овие пораки како тоа што го започнав сакам повторно да ги пренесам преку едно отворено писмо каде што на крајот од овој мој говор ќе биде затворено во плико и ќе му биде него предадено.
Ова писмо до идниот градоначалник на Гевгелија е моето, нашето заедничко верују, нашата тврдина од која што нема повлекување. Нашиот завет пред народот на Гевгелија и Македонија.
(Писмо до идниот градоначалник на Гевгелија- 24 август, 2021 година)
1. Доне, никому да не должиш освен на народот кој ти верува, и пред кому единствено одговараш. Овие градоначалниците од власта кои им должат на семејството кое владее од Струмица се само слуги на криминалот. Тие се слуги на криминалот, а ти биди слуга на народот.
Никакви други обврски немаш кон никого. Доаѓа надеж, луѓето мора да знаат дека доаѓа нова генерација политичари необременети од се порано. Градоначалникот од власта овде во Гевгелија кој должи на разно разни Вицевци е заробен човек, ти биди слободен и ослободен од такви грижи. Јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ овие четири години не дозволив ниту партијата ниту граѓаните да имаат концесија кон никого. Таков да бидеш и ти. Да работиш самостојно и целосно ослободен од таков вид на притисоци, од чистиот образ посвето нешто нема.
2. “Комшиите градоначалници“ од власта кои се со по еден стан од секоја нова зграда ќе им биде испитано потеклото на имот и ќе бидат проверени дали имаат скриен имот, а ти Доне остани обичен и скромен граѓанин, гевгеличанец, продолжи со спокојниот живот со твоето семејство и покрај функцијата која што сум убеден дека ќе ја добиеш. Ќе те изгласаат гевгеличани и ќе добиеш доверба да ја водиш Гевгелија.
Воедно гледам Доне дека терминот “комшија“ градоначалник предизвика внимание од власта, па да дообјаснам. Тоа се повеќето кметови од власта во поголемите градови каде обилно се гради, па во секоја зграда наместо куферче во кеш добиваат станови во посед. Соседите ги нарекуваат “комшии“ не затоа што се отворени кон народот, туку затоа што се отворени за криминалот. Е затоа ќе одговараат, а становите ќе им бидат одземени по веднаш после смената на власта, и би биле одлични домови за многудетни семејства или луѓе кои немаат цврст покрив на главата. Тоа ќе се случи веднаш по промената на власт.
3. Веднаш Доне, а тоа го слушнав од твојот говор да го решиш акутниот проблем со депонијата во Гевгелија, кој е исклучително многу значаен и да се посветиш на екологијата. Твоите први одлуки да бидат посветени кон ова прашање. Депонијата го загрозува здравјето на сите гевгеличани. Додека има пеколни горештини, наместо чист воздух со месеци Гевгелија дише отровен чад. Не може ние да збориме за ништо понапредно, за технологии и иновации ако нашиот народ се труе со чад и ѓубре. И знам дека од тоа власта профитира, затоа што позад секој проблем кој не го решаваат се крие нечиј биизнис интерес, и тоа мора да престане. Гевгелија еколошки чиста, со развиен туризам, со искористување на потенцијалите на Кожув, со развиен спорт за младите. Тоа е нашиот план.
4. Бори се Доне за младите да останат тука и да градат иднина. Тоа ќе се случи ако се подобри квалитетот на живот. Тешката економска состојба натера многу млади гевгеличани да се отселат. Белата смрт натера цели семејства да се иселат. Доне каменот тежи највеќе на своето место. Затоа твоја задача ќе биде да го подобриш квалитетот на живот. Чаршијата не смее да биде празна. Жагорот мора да се врати на улиците.
5. Сега градоначалниците на власта се борат за економските интереси на врхушката, а ти Доне бори се за економските интереси на сите гевгеличани, да создаваш услови за отворање на работни места. За добро платени работни места. Гевгелија ги има потенцијалите за тоа. Има одлична местоположба, и луѓе способни за успеси. За ова посебно ти стојам јас лично на располагање. А ако јас не успеам, тогаш верувај ми ќе го најдеме најподготвениот човек да ми помогне мене, а така ќе ти помогне тебе, да им помогнеме на гевгеличани.
6. Опкружи се Доне со компетентни луѓе професионалци, а не со партиски послушници како што тоа сега го прави денеска власта. Луѓето не ги дели на тоа од која партија доаѓаат, туку колку се способни, дали се чесни. Од мене нема да имаш притисок, сам ќе си го одбираш тимот, но имај на ум тоа да бидат способни луѓе кои ќе решаваат проблеми, а нема да ги креираат истите.
7. Зад секоја плата која ќе ја добиеш, зад секој општински денар кој ти следува, знај дека доаѓа од потта на намачениот народ кој плаќа давачки кон државата. Имај почит кон тие пари, затоа што тоа се пари од народот. Други пари не ти требаат. Ова е напорна, но благородна работа. Тие Доне кои заработуваат надвор од платата како овие од власта, од тие пари знај, аир нема. Може ќе купат убави куќи, убави автомобили, но на се му доаѓа крај. Ќе се постави многу бргу прашањето на одговорност.
8. Да работиш, Доне 4 години постојано, а не само пред избори како овие од власта. Да бидеш реален, а не “ќе” градоначалник како повеќето актуелни кои иако на крајoт од мандатот се уште зборат за некое “ќе“ време. Eве 4 години минуваат, нашиот народ вели времето лета, а резултати мора да ги покажеш уште во првата година, во првите месеци.
9. Остани високо морална личност. Создади иднина. Донеси ја Европа дома. Македонија отсекогаш припаѓала кон вредностите врз кои почива Унијата. Иако власта ја спушти темната завеса и ја изолира земјата надвор од европските аспирации, тогаш Доне се до смената на централната власт, твоја, моја, наша задача ќе биде да ги имплементираме европските вредности на ниво на локалната самоуправа.
10. Доне, најважното за крај, се познаваме долго време, те знам каков добар ков и колку скромен човек си и таков те замолувам да останеш до крај. Не смее да те промени функцијата или опие власта како актуелниве градоначалници кои станаа локални кметови и шерифи. Не заборавај од каде потекнуваш и за што се бориме. Секогаш подавај рака кон оние на кои им треба твојата поддршка и помош. Имаме држава која мора одново да ја градиме и развиваме. Тоа е наша работа, а ВМРО, ВМРО стоечки ќе се носи со овој предизвик. Зошто најтешките одлуки и времиња се за најспособните, оние кои умеат да сонуваат и сонот да го претворат во реалност. Затоа Доне сонувај големи работи, затоа што Гевгелија е голема, гевгеличани се големи. Се што работиме и ќе работиме е за нашата Македонија и за нашата заедничка иднина.
Драги гевгеличани, драги пријатели,
Доне Сарамандов или Андон Сарамандов нашиот кандидат за градоначалник е лицето кое ќе донесе промени во Гевгелија. Знам колку вреден и чесен човек е Доне, сме имале можност заедно да работиме. Доне има план и визија за развој и ќе донесе навистина решенија на многу проблеми. Туак сме сите ние кои што тимски ќе работиме да му помогнеме.
На овие локални избори одлуката е помеѓу неспособна власт и нови способни, мотивирани луѓе. Луѓе кои што сакаат да работат за народот и да ги придвижат работите. Помеѓу силно корумпирани шерифи кои јас ви ветувам дека ќе одговараат и чесни и честити луѓе. Одбирате помеѓу оние кои прават поделби и оние кои е работат за сите луѓе. Затоа ние велиме Македонија е за сите луѓе. Гевгелија е за сите луѓе. Допрва доаѓа најдоброто и затоа не очајувајте и немојте да губите надеж.
Да сте живи и здрави
Да живее Гевгелија
Да ни е вечна и вековита Македонија
Извор: ВМРО ДПМНЕ