Интерактивните табли, дигиталните и печатените учебници не се клучни во наставата по новата концепција, туку активностите и комуникацијата помеѓу учениците и наставникот, и токму тоа сакаме да го покажеме со промените, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостувањето во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител ТВ, одговарајќи на прашањето за тоа дека дел од училиштата с? уште немаат инсталирано електронски табли.
„Учебникот е само едно наставно средство и помагало. Во училниците треба да има и енциклопедии и друг тип на заедничка активност и интеракција помеѓу учениците и наставниците. Сето тоа е учење и тоа се поттикнува со новата Концепција за основно образование. Ние велиме да не се користи стриктен распоред. Ако наставникот чувствува дека денеска треба да има два часа математика, а утре два часа ликовно, тоа може самостојно да го направи и да си го распореди денот. Најважно е да ги постигнеме излезните резултати од учење, а не да се држиме во дадени формати и секое дете да се трудиме да го ставиме во калап и да му предаваме учебник. Треба да постигнеме резултати од учење преку поголем број нагледни средства и методи коишто може да ги примени еден наставник. Токму затоа, интерактивните табли не се на прво место, ниту дигиталните учебници. Важно ни е учениците да се стекнат со знаење кое нема да го запомнат само за тест, туку ќе им послужи во натамошните етапи од образование како и во текот на нивното живеење, во сите ситуации со кои ќе се среќаваат“, рече Царовска.
Министерката посочи дека мал е процентот (0,01%) на училишта кои с? уште немаат смарт табли, но секако и тие се во процес на набавка и ќе ги инсталираат штом ги добијат.
Царовска посочи дека МОН обезбеди 20% од учебниците за четврто одделение во печатена форма и дека тие се наменети за училишните библиотеки и учениците кои немаат електрична енергија во своите домови, и родителите не треба да ги печатат.
„Дополнително МОН, покрај училиштата, обезбеди и таблети за учениците кои имаат потреба од истите. Секаде кадешто имаме можност за користење на дигиталните материјали за учење повикувам да се користат, бидејќи квалитетот на дигиталниот учебник и целта којашто треба да се постигне со негово користење никако не можеме да ја постигнеме со печатен учебник“, рече Царовска.