Во просториите на Општина Прилеп денес се оддржана прес конференција на која Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници ги соопшти овогодишените добитниците на плакети и дипломи 3-ти Ноември.
Како што беше соопштено оваа година по повод 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп се доделуваат три награди за животно дело – Златна плакета. Постхумно награда за животно дело им се доделува на Драган Попоски-Дада, доајен на македонската современа скулптура, Тачко Локвенец, новинар, писател и публицист и на Илија Адамоски, истакнат општествен работник
Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници покрај наградата за животно дело, додели и 4 плакети и 7 дипломи.
„На денешната седница на Совет беше формирана Комисија за одбележување на значајни настани, личности и празници. Веднаш после завршувањето на седницата се состана комисијата и одлучи веќе донесената одлука на комисијата од претходен состав на советници да ја измени и дополни Одлуката за доделување на награди и признанија по повод 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп“, истакна Игор Николоски, претседател на Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници.
Награди – плакети по повод 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп се доделуваат на:
- Младост 96, за достигнувања во областа на спортот;
- Локална Акциона Група АГРО ЛИДЕР, за постигнати значајни резултати и достигнувања за подобар живот во локалната заедница;
- Здружение за правна едуација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т Прилеп, за придонес во едукацијата и асистенцијата на граѓаните во насока на остварување на нивните права;
- Фирма МИНАС Прилеп, за негување на занаетчиството;
Награди – дипломи по повод 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп им се доделуваат на:
- Георги Стале Поповски, за достигнувања во областа на книжевноста и преведувачката дејност;
- Блага Тутеска, за достигнувања во областа на образованието и литературата;
- Круме Пирганоски, за достигнувања во областа на образованието и информатичката технологија;
- Божана Тренческа, за достигнувања во областа на литературата;
- Димче Велкоски, за достигнувања во областа на воздухопловното, спортско и ракетно модуларство;
- Пулексенија Јованоска, за особен придонес во промоцијата на карате спортот во светски рамки;
- Јовица Нешкоски-Фризерот (постхумно), за негување на фризерскиот занает;
Како што потенцираше претседателот на Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници, на објавениот конкурс за доделување на наградите „3-ти Ноември“, пристигнале 14 апликации.
Наградите на годинешните добитници ќе им бидат доделени на свечената седница на Советот на Општина Прилеп, која ќе се одржи во среда, 3-ти ноември, во големата сала на Општина Прилеп.
Оваа година се навршуваат точно 77 години од остварувањето на вековните стремежи за национална слобода, еден од најзначајните датуми за градот Прилеп – 3-ти Ноември.
Извор: Општина Прилеп