Изградба на објект на противпожарна единица и изградбата на спортски комплекс, се капиталните проекти кои ќе бидат реализирани од новата локална самоуправа. Проектите, беа презентирани од страна на градоначалникот на општина Битола, на денешната, втора седница на Советот, во рамките на четвртата точка од дневниот ред, која се однесуваше на Програмата за развојни планови на општина Битола, за периодот 2022 – 2024 година. Покрај овие проекти, општина Битола, ќе работи и на подобрување на патната инфраструктура и реализација на други проекти од витална важност за развој на општината.
„Покрај измените и дополнувањата на програмите за економски развој, програмата за уредување на градежно земјиште, како и програмата за одржување на комунални објекти и инсталации, локална патна мрежа и улици за 2021 година, денес како точка на дневен ред е и програмата која претставува иницијален чекор кон реализација на нашата визија за развој на општината во следните три години.
Како што стои и во описот, со Програмата за развојни планови на општина Битола за периодот од 2022 до 2024 година се уредуваат изворите на средствата и наменското трошење на истите согласно законските прописи кои ја регулираат оваа материја.
Рокот за реализација на програмата е заклучно со 2024 година.
Во овој период посебен акцент сакам да ставам на два капитални проекти, значајни за животот и безбедноста на граѓаните од повеќе аспекти.
Во програмата за Развојни планови се воведува нова буџетска програма WA за Изградба на други објекти со која планирана е Изградба на објект на противпожарна единица, а средствата за реализација се во вкупна вредност од 30.750.000 денари, распредени во три години. Со реализацијата на овој проект ќе се зголеми грижата за безбедноста на граѓаните и нивните добра и ќе се изврши оптимизација на безбедноста во делот на пожарите.
Второ, покрај тоа што спортот е голем предизвик за многу професионални спортисти, за кои се потребни посебни услови за спортување, согласно високи стандарди на европско и светско ниво, спортот претставува и здрав начин на живот, но и голем поттик и предизвик за младите луѓе. Преку промоција и поддршка на различни спортови, локалната самоуправа може да даде голем придонес во изградбата на здрави генерации, она за што се залагавме цело време.
Главен предуслов, како за промоција на спортот, така и за негов развој и постигнување на високи резултати од страна на професионалните спортисти и спортски клубови, претставуваат условите во кои спортистите тренираат или се натпреваруваат, односно спортската инфраструктура.
Токму затоа, вториот капитален проект, кој ќе биде реализиран од страна на оваа локална самоуправа, со поддршка од Советот на општина Битола е изградбата на спортски комплекс во вредност од 184.500.000 денари.
Комплексот планирано е да вклучува голема спортска сала за спортски игри и мала спортска сала за боречки и индивидуални спортови, што конкретно ќе биде дефинирано при изготвувањето на проектoт.
Согласно деталниот урбанистички план, двата објекти предвидено е да бидат изградени на просторот на поранешната касарна, а постапката ќе отпочне со изготвување на потребната проектна документација.
Останатите проекти од развојната програма, насочени се кон подобрување на инфраструктуирните услови во урбаниот и руралниот дел на општината, реконструкција и доизградба на улици и патишта, колектор во селото Брусник, изградба на детската градинка во АРМ, а предвидени се средства и за реализација на проектот за гасификација, во делот на надлежностите на локалната самоуправа.
Со завршување на овие проекти до 2024 година, сметам дека значително ќе се подобрат условите од аспект на противпожарна заштита, спорт, социјална заштита, животна средина, а ќе се создадат и можности за подобар економски развој, преку подобрување на инфраструктурата во општината“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во денешното образложение пред советниците од Советот на општина Битола.
Програмата за развојни планови на општина Битола, за периодот 2022 – 2024 година, беше едногласно усвоена од Советот на општина Битола.
Извор: Општина Битола