spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Развоен буџет во услови на кризa

МФ: Развоен буџет во услови на кризa

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“. Тргнувајќи од овој концепт, Буџетот што го предлагаме покрај конкретноста изразена во бројки, е и приказ на нашите залагања за дефинираните цели и принципи по кои ќе се водиме. Секој вложен денар на граѓаните мора да биде оправдано вложен онаму каде што дава најголем ефект. Тоа е Буџет со поголема „вредност на вложените пари“, и за истото ќе има отчетност, а за таа цел се воведуваат петгодишни индикатори за мерење на успешноста на политиките. Исто така, овој буџет е кроен според „златното правило“ во јавните финансии, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи, што значи задолжување исклучиво за капитални расходи кои достигнуваат највисоко ниво од кој било претходен буџет. Тоа ќе поттикне инвестициски циклус што ќе придонесе за забрзан економски раст, додека преку зелената агенда, поддршката на иновациите и дигитализацијата ќе се дојде до одржлив развој и подобар квалитет на живот за граѓаните. Притоа, овој буџет содржи и програми за поддршка за време на криза, како и јасен тренд на фискална консолидација на среден рок, особено важно ако го имаме предвид фактот дека со новиот Закон за буџет, којшто е во собраниска процедура, се предвидува воведување фискални правила и фискален совет.

 

 

Инклузивна и конструктивна дебата за Предлог-буџетот

Оваа недела го претставивме предложениот Буџет за 2022 година во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет и во Законодавно – правната комисија. Имав можност, во атмосфера на конструктивна дискусија, да го претставам Буџетот и да ги соочиме ставовите во однос на клучните поставени цели и планирани политики. Ја користам приликата да им се заблагодарам на пратениците за конструктивната дебата за време на десетдневната расправа за Предлог–буџетот за 2022 година. Ова е уште една потврда дека инклузивноста во овој процес дава резултати и го подобрува квалитетот на нашето работење. Во текот на амандманската расправа прифатени се вкупно 23 амандмани, од кои 8 се од пратениците на опозицијата, 4 од пратениците на власта и 2 од Собранието, при што 9 амандмани беа предложени комисиски и поддржани едногласно. Вкупната вредност на прифатените амандмани изнесува 382 милиона денари, што според пратениците и службите во Собранието претставува една од најголемите измени направени преку амандманска расправа и воедно е потврда за инклузивноста на процесот на усвојување на Буџетот и демократскиот капацитет на нашата земја. По усвојување од страна на Владата, ќе се разгледува на пленарна седница во Собранието, каде што, исто така, очекувам да продолжиме во овој дух и со широка поддршка да го изгласаме Буџетот за 2022 година.

 

Буџет во време на кризи и неизвесност

Клучни приоритети за наредната година пресликани во овој документ се натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции, заштита на здравјето на граѓаните при сѐ уште присутни ризици од пандемијата, но и поддршка на животниот стандард на населението.

Во изминатиот период бевме исправени пред многу предизвици. Токму во вакви ситуации државната интервенција, особено фискалната политика во нашиот случај, останува клучна при надминување на тие предизвици и спроведување на развојните политики. Фискалните политики во суштина се контрациклични, односно треба да стимулираат во време на економски кризи и да се консолидираат во време на економски просперитет. Зголемениот фискален стимул во време на криза има за цел зачувување на работните места, одржување на куповната моќ на граѓаните и поттикнување економска активност. Оваа таканаречена „пазарна дисторзија“ или државна интервенција, која незадолжително се води строго по пазарни принципи, покрај другото треба да води сметка и за социјалната компонента, односно да го лимитира влијанието на кризата врз социјално најранливите категории граѓани. Во овој контекст, фокусот на нашата фискална политика во изминатиот период беше насочен пред сѐ кон заштитата на здравјето на граѓаните, поддршка на ранливите категории граѓани и погодените фирми, но и креирање политики за поттикнување на економскиот раст.

Имајќи ги предвид овие постулати, се воведоа значајни и брзи економски мерки во прилог на најпогодените од последната криза. Во последните две години беа спроведени шест пакети мерки за поддршка на претпријатијата и вработените во најпогодените сектори. Според процените на Министерството за финансии, само со првичните четири пакети, падот на економската активност беше ублажен за 4,2 процентни поена во 2020 година, ако ги вклучиме и мултипликативните ефекти, забележано и во извештаите на меѓународните финансиски институции. Односно, пластично кажано, во отсуство на мерките, падот на економијата во 2020 се проценува дека би бил на ниво од -8,7%, наспроти остварениот пад од 4,5%. Процената на ефектот од 5-тиот и 6-тиот пакет-мерки кои сѐ уште се во тек, ќе се пресмета на почетокот на следната година, но првичните процени укажуваат на доста позитивни очекувања за ефектите.

Впрочем, реакцијата на државите во целиот свет беше инстантна и енергична, поткрепена со огромни финансиски пакети за поддршка. Само за споредба, според податоците на УНКТАД, фискалниот стимул во 2020 година во развиените економии беше за 270% повисок споредено со стимулот обезбеден за големата финансиска криза 2008-2009 година. Во економиите во развој оваа бројка беше за 18% повисока. Односно, развиените економии во 2020 година имаа инјектирано 9,7% од БДП во економиите, споредено со 2,6% од БДП за време на глобалната финансиска криза, додека кај економиите во развој оваа бројка беше на ниво од 5,5% од БДП за разлика од пониските 4,6% од БДП во периодот 2008-2009 година. Ова укажува на интензитетот на кризата со која се соочивме и потребата за брза реакција.

Кај нас, од почетокот на кризата донесовме шест пакети мерки во вредност од околу милијарда и двесте милиони евра, односно околу 11% од БДП. Вкупниот фискален стимул ги опфаќа не само директните буџетски трошоци, туку и даночните олеснувања и ослободувања, расположливите гаранции и сл. За споредба, согласно податоците на ММФ, фискалниот стимул во земјите во регионот се движи од 2,4% од БДП во Бугарија, 3% во Босна и Херцеговина, 3,3% во Албанија, 4% во Црна Гора, 5% во Косово, 7% во Хрватска, Србија со 13,6% и Грција и Словенија со околу 14% од БДП.

Сепак, ефектите од пандемијата продолжија и во 2021 година. Но, нашата економија покажа заздравување достигнувајќи раст од 13,1% во вториот квартал, и очекуваме годината да ја завршиме согласно проектираниот раст на БДП од 4,1% со можност истиот да го надминеме.

Во однос на глобалните економски текови, може да се каже дека глобалната економија се опоравува и се очекува раст од 5,9% во 2021 и 4,9% во 2022 година, согласно октомвриските проекции на ММФ. ЕУ, односно Германија како наш најзначаен трговски партнер се очекува да достигнат раст од 5,1% во 2021 година, односно 3,1%, додека предвидувањата за 2022 година се исто така охрабрувачки со очекуван раст на ЕУ од 4,4%, односно 4,6% за Германија.

Значајно е да се напомене дека овој буџет се донесува во еден деликатен момент како за нашата така и за глобалната економија. Подложени сме на континуирана неизвесност, предизвици но и нови можности. Оттука, време е за развоен буџет којшто ќе резултира со забрзан раст преку зголемени инвестиции, но и ќе има капацитет за ублажување на кризите и ризиците со коишто се соочуваме.

 

Буџетот како одраз на нашите вредности и аспирации

Земајќи го предвид контекстот во кој се наоѓа домашната и глобалната економија и предизвиците што претстојат, а со цел остварување на приоритетите за подигнување на животниот стандард на граѓаните, унапредување на квалитетот на животот и забрзување на економскиот развој, Предлог-буџетот за 2022 година има четири основни цели.

Прво, продолжување на грижата за заштита на здравјето на населението. Второ, економско заздравување и забрзување на растот. Трето, зголемување на инвестициите при спроведување фискална консолидација и четврто, поддршка на реформските процеси во правосудството и евроатлантските интеграции и непречено финансирање на основните функции на државата.

Имајќи го предвид националниот и глобалниот контекст, и препознавајќи ја потребата за воспоставување предвидливост и конзистентност кон реформите и стратешки приоритети, Буџетот како стратешки документ е концептиран на среднорочна рамка. Односно, во поткрепа на целите на овој буџет се и донесените стратешки документи, како Фискална стратегија, Стратегија за јавен долг, План за фискална одржливост и економски раст, План за забрзан економски раст, План за јавни инвестиции и Програма за економски реформи изготвени во среднорочната рамка 2022-2026. Ова е во рамки на заложбата за СМАРТ јавни финансии, односно, јавни финансии коишто се стратешки, одржливи, отчетни, реформски ориентирани и транспарентни.

Менаџирањето со јавните финансии и постигнувањето на овие цели ќе биде водено од принципите и начелата на „вредност на вложените пари“, буџетирање базирано на резултати и транспарентност и следење конкретни индикатори. Многу е важно да се истакне фактот дека со овој буџет го почитуваме „златното правило“ во финансиите. Тоа значи дека капиталните расходи го надминуваат буџетскиот дефицит, односно целокупното задолжување ќе биде искористено во капитални расходи. Имено, познато е дека долгорочното задолжување е оправдано и праведно, ако бенефитите од вложувањата се уживаат и од генерациите коишто ќе платат за соодветните долгови. Алтернативен пристап на ова би било повисокото оданочување што би ги обесправило сегашните генерации. Затоа, задолжувањето за проекти и капитални расходи чии придобивки се уживаат од повеќе генерации, е оправдано од аспект на интергенерациската праведност и е додадена вредност на начинот на планирање и водење јавни финансии.

Транспарентноста и отчетноста остануваат главни начела во реализацијата на Буџетот. Граѓаните секогаш треба да бидат информирани дека нивните пари се потрошени ефикасно и согласно намената па затоа Министерството за финансии продолжува со напорите за подобрување на транспарентноста во управувањето со јавните финансии. Во таа насока се воспоставениот портал „Отворени финансии“ преку кој континуирано ѝ се обезбедува на јавноста увид во податоците, односно трансакциите направени од Буџетот на државата, како и од буџетите на општините.

Дополнително, на својата веб-страница Министерството за финансии воведе т.н Фискален бројач каде што се објавуваат дневни податоци за кумулативна реализација на буџетските приходи, буџетските расходи, капиталните расходи, процентот на нивна реализација и месечни податоци за состојбата на државниот долг, како и Календар на даночната регулатива кој дава предвидливост и транспарентност во делот на даночната политика.

 

Развоен буџет со иновативни инструменти за финансирање

Предлог-буџетот за 2022 година планира расходи во износ од 272,4 милијарди денари што претставува раст од 1,4% во споредба со 2021 година и се на ниво од 35,2% од БДП. Од друга страна, приходите се за 7,4% повисоки од 2021 година и се на ниво од 31% од БДП или 238,9 милијарди денари. Оттука, буџетскиот дефицит се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3% од БДП. Овој тренд на намалување на буџетскиот дефицит е во рамки на планот за постепено фискално консолидирање при продолжување на поддршката за економијата во време на криза. Односно тој претставува намалување споредено со реализираното ниво од 8,1% во 2020 година и проектираниот буџетски дефицит од 6,5% со можност да биде понизок во 2021 година.

Во Буџетот за 2022 година значително внимание добиваат инвестициите. Во 2022 година капиталните расходи се планирани на досега највисоко ниво од 38,2 милијарди денари. Овој буџет претставува значајна промена и од аспект на структурата. Капиталните расходи учествуваат со 14% во вкупните расходи и се зголемени за 28,3% во споредба со 2021 година, при истовремено кратење на „непродуктивните“ буџетски трошења. Ова е во рамки на Планот за забрзан раст 2022-2026, којшто има за цел финансирање на закрепнувањето на економијата погодена од кризата и поддршка на забрзан и одржлив раст притоа одржувајќи фискална стабилност.

Во однос на подобрувањето на динамиката на спроведување капитални инвестиции, веќе може да се забележат првичните резултати од механизмот КАПЕФ, притоа во рамките на Планот за забрзан раст 2022-2026 предвидена е институционална рамка за управување со проектите на национално ниво со воведување нови единици за управување и координација на проектите. Во прилог на оваа цел, Министерството за финансии ќе воведе иновативни инструменти за финансирање на Буџетот, и тоа развојни обврзници, зелени обврзници, проектни обврзници и обврзници индексирани со инфлација. Исто така, за поттикнување на инвестициите ќе се промовираат јавни приватни партнерства, фонд за развој, фонд за регионален и локален развој, , фондови за енергетска ефикасност, фондови на фондови, потоа функционирањето на Гарантниот фонд и слично, кои се дел од новите инструменти со кои државата ќе мобилизира дополнителни средства од приватниот сектор во прилог на целта за забрзување на растот.

Ваквиот начин на финансирање ќе биде додадена вредност кон нашата економија во повеќе аспекти. Прво, максимално ќе се мобилизираат средства од домашни и странски извори со цел забрзано спроведување на неопходните проекти од физичка инфраструктура, на зелената агенда, дигитализацијата и иновациите и технолошкиот развој. Второ, ќе се придонесе кон развојот на пазарот на капитал и инвеститорската јавност вклучително граѓаните ќе се здобијат со алтернативни сигурни инструменти за инвестирање. Трето и многу важно, ќе се спојат две клучни одлики на приватниот и јавниот сектор што се општопознати помеѓу економистите, ефикасноста на приватниот и сигурноста на јавниот сектор. Вклучувањето на граѓаните и домашниот приватен сектор како инвеститори, ќе придонесе кон зголемување на ефикасноста во спроведувањето на проектите и алокацијата на ресурсите, притоа осигурувајќи се за ризикот и трошокот имајќи ја државата како главен чинител.

Овие и мноштвото предвидени мерки ќе доведат до очекуваното зголемување на бруто-инвестициите од 8,5% на реална основа во 2022 година. Дополнети со проектираната зголемена потрошувачка од 3,1%, и очекуваната зголемена извозна активност од домашните компании со раст од 8,1%, и позитивните движења на пазарот на труд каде што бројот на вработени се очекува да порасне за 3,1%, тие ќе придонесат кон забрзување на растот во 2022 година. Оттука, проектираниот раст за 2022 година се очекува да изнесува 4,6%.

Забрзаните капитални инвестиции се актуелна тема и го опфаќаат централниот дел во стратегиите за раст на развиените земји. Пред само неколку дена во САД беше усвоен рекордниот пакет од 1 трилион долари инвестиции во инфраструктура со двопартиска поддршка, а претходно Велика Британија најави 10-годишен план во вредност од 650 милијарди фунти инвестиции во инфраструктура, транзиција кон зелена економија и забрзана дигитализација. Во иста насока е и најавениот пакет за опоравување на ЕУ вреден 800 милијарди евра, како дополнување на долгорочниот Буџет 2021-2027.

Според Планот за забрзан раст 2022-2026, во овој петгодишен период се планираат инвестиции од околу 4 милијарди евра со јавни извори на финансирање и 8 милијарди евра со привлекување приватен капитал. Тука би ги наброил најзначајните инфраструктурни проекти како што е Коридорот 8, автопатот и железницата, енергетската инфраструктура, гасоводот, интерконекциите и дистрибутивните мрежи, инвестиции во обновливи извори на енергија, фотоволтаици, ветерни електрани и хидроцентрали, како и низа други проекти од аспект на животната средина, управување со водите, управување со отпадот, заштита на воздухот и комуналната инфраструктура. Со тоа ќе се придонесе кон подобрување на конкурентноста на нашата економија и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

 

Поддршка на стопанствоторанливите категориилокалниот развој и подобар квалитет на живот

Унапредувањето на животниот стандард на граѓаните е еден од врвните приоритети на Владата. Следствено, покрај политиките за зајакнување на поддршката на приватниот сектор, во однос на зголемување на нивната конкурентност и подобри услови за вработените, овој буџет предвидува зголемување на платите и во клучните сектори од државната управа со цел зајакнување на нивниот интегритет и перформанси во работењето. Зголемувањето во делот на плати се однесува на одобрените зголемувања за инспекторите во износ од 10%, во високото образование 8% од 2021 и дополнителни 7% во 2022 година, во здравство 5%, во судството и обвинителството 15%, во Министерство за внатрешни работи 5%, ИПА структурата за 15%, како и доекипирање на клучните позиции во дипломатијата и пополнување на потребите во Министерство за одбрана согласно стандардите на НАТО. Притоа, Буџетот ќе ја одржи ликвидноста во редовна исплата на плати и пензии, како и извршување на основните функции на државата и поддршка на реформите во судството и евроинтеграциите.

Дополнително, Владата на РС Македонија останува доследна на мерките за поддршка на економијата и ранливите категории во време на криза. Субвенциите за најпогодените сектори од КОВИД и енергетската криза ќе продолжат и во 2022 година, при што предвидени се 5,4 милијарди денари за оваа намена, а и другите програми со одредена флексибилност ќе се приспособат на потребите. Ова е во линија со заклучоците од Економско-финансискиот дијалог со ЕУ, за продолжување со добро таргетирана и привремена фискална поддршка на ранливите категории. Поддршката ќе продолжи и во земјоделскиот сектор, при што од наредна година ќе функционира и интервентен фонд во земјоделството.

Значајно придвижување се прави и во однос на планот за зголемени приходи на локалните единици и фискалната децентрализација. Дотацијата по основ на приходи од ДДВ се зголемува од 4,5% на 5%, како дел од планот за постепено зголемување на приходите на општините по основ на наплатен ДДВ и персонален данок на доход на ниво до 6% до 2024 година. На овој начин ќе се обезбеди зголемување од 21% на приходите на локалните единици по основ на овој приход, споредено со 2021 година. Со ова се зголемува фискалниот капацитет и автономноста во трошењето на средствата на општините, како најдиректен застапник на интересите на локалните заедници. Ќе се основаат фонд за изедначеност, фонд за успешност и фонд за регионален и локален развој.

Социјалните трансфери се предвидени во износ од 124,5 милијарди денари. Најголем дел од овие средства, односно 64,4 милијарди денари, се наменети за исплата на пензии со цел да се овозможи достоинствено ниво на животен стандард за повозрасните граѓани. Поддршката на здравствената заштита останува приоритет со предвидени 36 милијарди денари, при што планирано е зголемување на платите на сите вработени во јавните здравствени установи, обезбедување на потребните лекови, квалитет на здравствените услуги и подобрување на инфраструктура во здравството. Во делот на социјалната заштита предвидени се 11 милијарди денари, каде што е опфатена реформата на системот за социјална заштита преку воведување на минималниот гарантиран приход. Дополнително, продолжува спроведувањето на активните политики и мерки за вработување и исплатата на надоместок во случај на невработеност.

 

Предизвици и перспективи

Имајќи го предвид контекстот во кој се носи овој буџет, односно при нецелосна опоравена економија од здравствената криза и неколкукратно зголемените цени на енергенсите на светските берзи, треба да сме свесни за предизвиците што ни претстојат во следниот период. Ризикот од појава на нови варијанти на вирусот и продолжувањето на растот на цените на примарните производи на светските берзи остануваат големи предизвици за јавните финансии. Земајќи ги предвид сите горенаведени ризици, сметам дека Буџетот за 2022 година е конципиран да ги адресира сите можности и предизвици што ни претстојат во следниот период. Притоа, предизвик ќе биде и зајакнувањето на капацитетите за остварување на планираните капитални инвестиции во јавниот сектор. Исто така, пролонгирањето на датумот за преговорите со Европската Унија ќе претставува дополнителен предизвик за инвеститорите и растот на нашата економија.

За крај, ќе нагласам дека Буџетот претставува клучен документ што ги инкорпорира планираните активности на фискалната политика во прилог на економскиот развој, подобрувањето на благосостојбата на сите граѓани, валоризирање на овие можности и ублажување на ризиците. Оттука, свесни за оваа потреба и за контекстот во кој се наоѓаме би сакал да упатам искрен апел за широка поддршка на Буџетот за 2022 година од страна на пратениците во Собранието каде што очекувам конструктивна дебата во текот на наредните денови.

 

Фатмир Бесимиминистер за финансии

 

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте

Центар: Герасимовски – Граѓаните да не си ги трошат парите на...

0
Инспекциските служи на Општина Центар денеска отстранија застаклен објект на државно земјиште кој не поседува одобрение за поставување времени објекти согласно чл. 81. Станува збор...