spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниГрад Скопје: Дрисла станува модерна депонија со нов стерилизатор за медицински отпад

Град Скопје: Дрисла станува модерна депонија со нов стерилизатор за медицински отпад

Медицинскиот отпад наместо да се согорува ќе се стерилизира и депонира. Ова е можноста на новиот стерилизатор што денеска се промивира во Јавното претпријатие  Дрисла. Стерилизаторот има капацитет од  2000 литри односно може да третира отпад од 350 килограми на еден час и ги задоволува целосно дневните потреби на депонијата.

„За Скопје веќе е минато согорувањето на медицински отпад. Нема повеќе да бидеме сведоци на неодговорно и несовесно постапување со медицинскиот отпад што завршуваше на депонијата Дрисла како обичен отпад. Со овој тип на обработка на медицински отпад по најсовремени стандарди се штити животната средина, а во исто време се штеди потрошувачката на вода и енергија. Дрисла мора да следи и да применува современи технологии за управување со отпадот, бидејќи заштитата на здравјето на луѓето и животна средина се императив“, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на денешниот настан.

 

За потребите на стерилизаторот направена е доизградба на градежен објект каде е сместен автоклавот, лабораторија и работни простории, со водоводна и канализациона мрежа, мрежа за доводен високонапонски кабел, оптички кабел за интернет, оптички кабел за видео надзор и напонски кабел за осветлување до просторот за инсталација на автоклавот.

„Овој иновативен систем на обработка во себе има шредер што го намалува и до 80% волуменот на отпадот. Во него се врши шредирање и стерилизација на отпад со висок, потенцијално висок, или патоген ризик, како што се игли, шприцеви, завои, гази, сечила, стакло, катетри, вреќи со крв, туби за крв, канили и друг отпад од работењето на клиниките, болнички центри, болници, ветеринарни болници и лаборатории. Ги исполнува сите европски стандарди за животна средина“, додаде директорот на ЈП Дрисла, Јане Мицевски.

Новиот автоклав користи современа еко технологија која ги намалува трошоците за отстранување на медицинскиот отпад, притоа минимизирајќи го ризикот од вкрстена контаминација бидејќи целиот процес се врши во еден сад.

„Со оваа инвестиција исполнети се сите стандарди за животна средина и Дрисла се трансформира во модерна депонија која ќе продолжи да применува современи технологии за управување со отпадот со целокупниот нејзин потенцијал ставен исклучиво во служба на граѓаните“, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

На настанот беа присутни раководители од надлежните сектори во градските служби, надлежни експерти од ЈП Дрисла, како и претставници од Министерство за животна средина и Државниот инспекторатот за животна средина.

 

 

 

 

Извор: Град Скопје 

 

Прочитајте