Вчера се одржа десеттиот состанок на Секретаријатот за реформа на јавната администрација со којшто претседаваше заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.
На состанокот беше разгледуван Четвртиот годишен извештај за 2021 година, за имплементација на Стратегијата за реформа на јавната администрација со Акциски план 2018 – 2022 година, по што учесниците имаа можност да отворат дискусија. Беше одржана и Презентација на наодите од евалуацијата на Стратегијата за РЈА (2018- 2022) заедно со клучните предизвици и препораки.
На денешниот состанок се разговараше и беше презентиран Опис на процесот и динамиката на подготвување на Стратегијата за РЈА (2023-2030).
Министерството за информатичко општество и администрација е институција координатор и надлежна за следење и спроведувањето на реформата на јавната администрација, која е стратешка цел и еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија. Станува збор за континуиран процес кој води кон унапредување на административниот капацитет и подобри услуги за граѓаните на патот кон Европската Унија.
Членови на Секретаријатот за реформа на јавната администрација се и претставници на Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Секретаријатот за законодавство, Генерален секретаријат, Секретаријат за европски прашања, Министерство за локална самоуправа, Министерство за финансии, Министерство за правда, Министерство за политички систем и односи помеѓу заедниците, Министерство за труд и социјална политика, Агенција за Администрација и ЗЕЛС.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација