На 12 седница на Советот на Општина Гевгелија едногласно беше усвоена Предлог одлуката на советникот на Левица која ја обврзува општинската администрација огласите за вработување во јавнито сектор во Општина Гевгелија и намерите за склучување на договор за дело да ги објавува на порталот и ФБ страната на Општина Гевгелија.
Вработување во јавен сектор по закон се прави за тековни работи кои се предвидени со системаизација и план за вработување и за истите мора да има оглас.
Договор за дело се склучува за работи кои не се тековни, не се предвидени со систематизација и план за вработување и истите никаде не се објавуваат пред да се склучат.
Во пракса обични луѓе, за разлика од партиските војски, доцна разбираат за огласи, а во ситуации кога треба да се склучи договор за вработување во јавен сектор се склучуваат договори за дело со што се прави злоупотреба на договорите за дело за клиентелизам.
Поради тоа советникот од Левица, Јанчев, поднесе иницијатива со која сега општинската администрација се обврзува да ги објавува огласите за вработување и намерите за склучување на договори за дело на веб и ФБ страние на Општина Гевгелија.
Во дел од своето излагање за иницијативата тој рече:
“Во таа комбинација на неинформираност на граѓаните, кога не ги пратат огласите и кога се прави злоупотреба на договорите за дело, кога се склучуваат за работа за која мора да има работен однос во јавен сектор, лежи зајакот. Таму, на таа почва живее клиентелизмот кој народски се вика партиски вработувања.
Партиската војска предвреме знае кога ќе има оглас. Обичните луѓе ќе разберат дури откога некој ќе се вработи. Ова е полесната варијанта. Полошата варијанта е кога се прави злоупотреба на договор за дело затоа што не се разберува за ова затоа што за намера за склучување на договор за дело нема обврска претходно да се објавува. И овие две во комбинација се моторот кој што ја движи гласачката машинерија.
Резултатот од ова е поразителен. Во основ, прво се крши правото на еднаков пристап до работни позиции во јавен сектор што е една од главите причини што младите да ја напуштат државава.
Второ, вака не ги бираме најспособните кадри по способност и стручност и тоа ни прави проблем во секојдневниот живот на нас кои сме решиле да останеме да живееме во Општина Гевгелија затоа што не добиваме најквалитетна јавна услуга.
Трето, ова директно го поништува правото на слобода на избор. Нели ние по Устав имаме право на демократски, непосредни и слободни избори, но човек кој што чека да му шепнат кога ќе има оглас и човек кој што чека да му се трансформира договорот за дело во работен однос спремен е да гласа за кандидатски листи на партии дури и ако на тие листа има само коњи и магариња. Така на функции од кои зависат илјадници судбини бираме недоквакани ликови кои за возврат ни го отежнуваат животот на сите нас кои сме решиле да останеме да живееме во Македонија.”
Извор: ЛЕВИЦА