Економските сметки за туризмот на Република Северна Македонија беа развиени во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Унапредување на производството и дисеминацијата на статистичките податоци EUROPEAID/139628/DH/SER/MK“.
Економските сметки за туризмот се инструмент што се состои од интегриран информациски систем, чија главна цел е да ги презентира активностите и производите што се директно или индиректно поврзани со туризмот. Овој инструмент овозможува проценка на економската димензија на овој сектор, како и споредба со другите земји.
Според економските сметки за туризмот, бруто-додадената вредност создадена од туризмот во 2019 година учествува со 2.45 % во бруто-додадената вредност на економијата на Република Северна Македонија и изнесува 23 685.5 милиони денари по основни цени.
Туристичката потрошувачка на економската територија е проценета на 28 033.8 милиони денари, што претставува 2.36 % од бруто-домашниот производ (БДП).
Дојдовен туризам
Трошоците за дојдовен туризам изнесуваат 22 189.4 милиони денари. Трошоците на странските туристи во дојдовниот туризам се 76.0 %, а останатите 24.0 % се од еднодневните странски посетители.
Трошоците за храна се доминантни со 36.1 % од трошоците за дојдовен туризам, покрај трошоците за сместување со 29.6 % и услугите за превоз на патници со 13.5 %. Овие три компоненти прават 76.6 % од вкупните трошоци за дојдовниот туризам (табела 1).
Домашен туризам
Трошоците за домашен туризам изнесуваат 5 844.4 милиони денари. Во однос на учеството, услугите за сместување се најголемата компонента на трошоците за домашниот туризам и учествуваат со 56.1 % (табела 2).
Внатрешен туризам
Учеството на трошоците за домашниот туризам во вкупната потрошувачка за внатрешниот туризам во Република Северна Македонија е 20.9 % во 2019 година, додека останатите 79.1 % се трошоци за дојдовен туризам. Трошоците за сместување имаат најголемо учество и се 39.0 % од трошоците за внатрешниот туризам, потоа следат трошоците за услуги за послужување храна и пијалаци со 33.7 % и услугите за патен превоз на патници со 16.2 % (графикон 1).
Појдовен туризам
Трошоците за појдовен туризам се однесуваат на трошоците на жителите на Република Северна Македонија при патувања во странство. Трошоците за туризам на резидентите во странство изнесуваат 5 642.3 милиони денари. Главната компонента на трошоците за појдовен туризам се услугите за сместување со учество од 33.8 %, потоа услугите за послужување храна и пијалаци со 31.5 % и услугите за превоз на патници со 31.5 % (табела 3).
Извор: Државен завод за статистика