spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМНР: Заврши втората меѓународна конференција на МНР, „Жените во надворешната политика“

МНР: Заврши втората меѓународна конференција на МНР, „Жените во надворешната политика“

Дводневната меѓународна конференција „Жените во надворешната политика“, организирана од Министерството за надворешни работи, под покровителство на Владата, а чиј домаќин беше заменик министерката за надворешни работи, г-а Фатмире Исаки заврши денеска со битни заклучоци кои произлегоа од продуктивната и богата дебата.

“Првата конференција, минатата година, беше огромен предизвик, кој го гледав и како одговорност, но и како огромна можност истовремено.  Го претставив капацитетот на нашата мала земја за да докажеме дека сме свесни за улогата на жените во надворешната политика. Се разбира, ни претстои уште многу работа за унапредување на застапеноста, но среќна сум што можам да кажам дека работите се придвижуваат во позитивна насока во односот на властите кон унапредување на улогата на жените во надворешната политика”, истакна Исаки.

Конференцијата содржеше продуктивни дискусии помеѓу бројни истакнати личности од полето на надворешната политика од земјата, регионот и пошироко, беа разменети мислења околу родово балансираната застапеност, а беа споделени и лични искуства, што финално резултираше со важни поенти, пораки и заклучоци.

На првиот панел “Жените во мултилатералната дипломатија”, како специјален гости обраќање имаше првата дама, г-а Елизабета Ѓоргиевска, која потенцираше дека „жените се од суштинско значење за идентификување на издржливи и инклузивни решенија кои можат да доведат до одржлив мир“.

Министерката за труд и социјална политика, г-а Јована Тренчевска подвлече дека родовата еднаквост во Северна Македонија претставува „законска обврска“, имајќи предвид дека истата е дел од Програмата на Владата за периодот 2020 – 2024 година, како резултат на заложбите за родова еднаквост од Агендата за одржлив развој до 2030 година.

Дополнително, домашните и меѓународни панелисти дискутираа за безбедносните кризи, пандемијата, економската криза, сајбер безбедноста, човековите права, како и многу други предизвици кои покажаа дека е неопходно активно вклучување на жените во мултилатерализмот.

Воведно обраќање на вториот панел “Улогата на жените во време на кризи” имаше министерката за одбрана, г-а Славјанка Петровска, која ја подвлече дека учеството на жените во мировните процеси е од суштинско значење, со цел изнаоѓање на долгорочно и одржливо мировно решение.

“Жените најдобро знаат да се изборат за доброто на своето семејство и својата земја, а тоа е мир, безбедност, благосостојба и прогрес” истакнаа панелистите, меѓу кои беше и амбасадорката на Украина во Северна Македонија, г-а Лариса Мир, која преку актуелниот украински пример ја посочи борбеноста на жените за слобода и мир, кои рамо до рамо со мажите се наоѓаат на првите борбени линии во заштита на сопствените семејства, градови и држава.

Третиот панел, во чиј фокус беше улогата на невладиниот сектор, започна со воведното обраќање на заменик претседателката на Владата задолжена за политики на добро владеење, г-а Славица Грковска, која подвлече дека преку поголема вклученост и активен придонес на невладиниот сектор се поттикнува нивната корективна улога во креирањето на родово балансирани политики и одлуки.

На четвртиот и последен панел на дводневната конференција, насловен „Амбасадорска перспектива на родовата еднаквост“, мнозина амбасадори во Северна Македонија споделија размислувања и лични искуства во врска со суштинскиот придонес на жените во полето на надворешната политика, преговарачките процеси и мировните мисии, а претставија и механизми како добра практика од нивните држави за унапредување на положбата на жените-дипломати.

На нејзиното завршно обраќање, заменик министерката за надворешни работи, г-а Фатмире Исаки се заблагодари на учесниците за нивниот придонес на овој значаен настан со уверување дека конференцијата веќе прераснува во традиционален форум за дискусија на родовата перспектива во надворешната политика.

 

 

 

Извор: Министерство за надворешни работи 

Прочитајте

МТСП: Хусејин – Главен приоритет е да осигуриме шанса и можности...

0
Заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин учествуваше на Четвртиот состанок на Заедничкиот управен комитет за спроведување на Рамката за соработка за...