spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаРешени сме да ги забрзаме реформите и целосно да се усогласиме со...

Решени сме да ги забрзаме реформите и целосно да се усогласиме со ЕУ во областа на даноците

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг состанок за Поглавјето 16, „Оданочување“, рече дека Владата и институциите работат на забрзување на реформите и подготовка на нашиот даночен систем за влез во системот на ЕУ, во областа на оданочувањето.

– Решени сме да ги забрзаме реформите во областа на даноците, со цел целосно усогласување со европските регулативи и стандарди и подготовка на македонското општество за полноправно членство во ЕУ, рече главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ, истакнувајќи дека имаме напредок во намалувањето на административниот товар за даночните обврзници и постапката за поврат на ДДВ, но дека треба да работиме на капацитетот на даночната и да осигураме ефективна автоматска размена на даночни информации со земјите членки на ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ се осврна на важните чекори што се преземени во оваа област, во зајакнувањето на националното законодавство и оперативниот капацитет, потенцирајќи ја Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025 година, која опфаќа правично оданочување, наплата на приходи, даночна транспарентност, квалитет на услугите и зелено оданочување.

На објаснувачкиот скрининг состанок беше присутна и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, која рече дека ова поглавје ќе донесе предности за бизнисот и македонските компании, пред сè во однос на помали административни трошоци, потранспарентен и посигурен бизнис и намалување на бирократските процедури.

– Свесни сме за предностите што ова поглавје ќе ги донесе на општеството во целина. Размената на информации со релевантните институции на ЕУ ќе придонесе за поефикасна наплата на даночните приходи и елиминирање на даночното затајување, истакна директорката Лукаревска.

Маричиќ во своето обраќање, пред претставниците на Европската комисија, посочи дека од март 2020 година, се спроведуваме Твининг проект „Подобрување на наплатата на приходите и даночната и царинската политика“, со цел понатамошно усогласување на даночното и царинското законодавство со релевантното законодавство на ЕУ и најдобрите практики, подобрување на економската анализа и прогнозирањето на приходите, како и моделирање и подобрување на оперативните и административните капацитети на клучните институции во системот.

За административна соработка и заемна помош, Маричиќ кажа дека Владата има потпишано 49 договори за избегнување на двојното оданочување и спречување на фискална евазија, од кои 24 се склучени со земјите-членки.

Главниот преговарач со ЕУ напомена дека како членка на инклузивната рамка на BEPS, Северна Македонија учествува во преземањето мерки за спречување на можностите за даночно затајување и е посветена на спроведување на минималните стандарди на BEPS.

– Мултилатералната конвенција за спроведување мерки поврзани со даночниот договор за спречување на BEPS беше потпишана во 2020 година, а ратификацијата ќе следи во следните неколку месеци, најави Маричиќ.

Денеска во Брисел покрај објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавјето 16, „Оданочување“, ќе се одржи и состанокот за Поглавје 25, „Наука и истражување“, со што се заокружуваат скрининг состаноците за Кластерот 3, „Конкуренција и инклузивен раст“.

 

Извор: Влада

Прочитајте

Јегуновце: Работна посета низ повеќе населени места

0
Градоначалникот на општина Јегуновце беше на работна посета низ повеќе населени места во општина Јегуновце каде направив увид на започнати проекти: Во завршна фаза е...