Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ, на маргините на Состанокот на министри за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес.
На средбата, двајцата министри заемно констатираа задоволство од развојот на односите меѓу двете држави, со тенденција на засилување на динамиката на соработка преку редовни билатерални посети и партнерство во рамки на регионалните иницијативи, чие постоење претставува важна додадена вредност на севкупната регионална соработка.
Во тој правец, осврт беше направен врз конкретни проекти и иницијативи, како отворањето на нови гранични премини, за што во тек се преговори на ниво на експертски работни групи, како и трговската размена, која во континуитет се зголемува.
Министрите разговараа за евроинтегративните процеси на нашите земји и регионот на Западен Балкан, како и актуелните енергетски предизвици.
„Земјите од регионот треба интензивно да соработуваат, не само во рамките на нашата плодна билатерална и регионална соработка соработка, туку и со цел надминување на тековната економската и енергетска криза“, изјави Османи.