Продолжувањето по европскиот пат е приоритет за сите, калкулации за иднината не треба да има

ВладаПродолжувањето по европскиот пат е приоритет за сите, калкулации за иднината не...

Најчитано

„Време е да почнеме нова приказна во која Северна Македонија станува европска земја, земја со закон, ред, систем, иднина, подобар живот за сите, за тоа ни е потребен за национално единство за Европската Унија“, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, на денешната прес-конференција по завршувањето на лидерската средба во Собранието.

На прес-конференцијата, премиерот Ковачевски информираше дека лидерската средба на присутните претседатели на парламентарните партии, им се предадени предлог заклучоци коишто се однесуваат на исполнување и поддршка на стратешките цели и евроинтеграцискиот процес од страна на парламентарните партии, како и на обврските на Владата во преговарачкиот процес за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија.

Во продолжение е интегралната изјава на премиерот Ковачевски.

„Со претседателите на парламентарните политички партии денес разговаравме за државните стратешки цели, за приоритетите и за следните чекори и одлуки кои нѐ очекуваат во наредниот период, а се однесуваат на нашата европска иднина.

Воедно, ги запознав претседателите на парламентарните партии детално со состојбите врзани со енергетската криза и навремените мерки кои ги преземаме за справување со истата, економската криза и поддршката за граѓаните и компаниите која е овозможена и со последниот ребаланс но и со новиот Буџет за 2023 година.

Разговаравме и за владеењето на правото, борбата со криминал и корупција, но и за блокираните закони во Собранието од кои зависи нашиот перформанс како држава, а кое беше нотирано како слаба страна и во извештајот на ЕК. Би сакал да ве информирам дека дискусијата беше отворена и сметам дека и така треба да продолжи и во иднина.

Почитувани граѓани,

Денес сме тука затоа што полноправното членство во Европската Унија е една од нашите стратешки цели која македонското Собрание ја зацрта како цел и ја потврди конкретно во 2001 година со усвојувањето на Законот за ратификација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со што започнаа формалните односи со ЕУ.

Денес, сме тука, затоа што конечно, после цели 17 години, гордо можеме да кажеме дека сме земја која ги започна преговорите со ЕУ.

Вложивме многу труд за да стигнеме до оваа фаза. Имавме многу предизвици, требаше да се носат тешки одлуки. Но, истовремено знаевме која е целта – НАТО И ЕУ, две стратешки цели кои сме должни да ги исполниме.

Во последниве пет години направивме многу крупни чекори и успеавме да се докажеме како достоен НАТО сојузник и како достоен ЕУ партнер.

Еден од тие чекори беше и Европскиот предлог кој го добивме летово, за време на француското претседателство. Свесни за сите негови предности и слабости го препознавме како можност за деблокирање на процесот и придвижување напред.

И самите бевте сведоци, го усвоивме во Собранието во атмосфера на тешка седница, тензии и недоверба.

Собранието тогаш донесе заклучоци со кои се гарантираше дека ќе ги започнеме преговорите со ЕУ и веднаш ќе започне скринингот, заклучоци со кои целосно и континуирано се гарантираат нашиот јазик и идентитет, се гарантира дека историските прашања се надвор од преговарачката рамка и дека Бугарија на дело ќе покаже дека не се противи на употребата на македонски јазик во ЕУ.

И денес, гледаме дека сето ова е вистина и реалност.

И ЕУ и ние досега ги исполнивме сите ветувања.

На 19 јули беше одржана првата меѓувладина седница со која отпочнаа преговорите.
На 15 септември започна скринингот.
На 26 октомври беше потпишан Договорот со ФРОНТЕКС со формулација македонски јазик без никакви додавки, ѕвездички и фусноти.

Тоа се три датуми кои ќе останат запишани во македонската историја како денови кога ние добивме целосна потврда за нашите заложби за европска иднина и кога сите ние добивме потврда дека македонскиот јазик е заштитен и е на исто рамниште со останатите јазици во Европа.

Фронтекс договорот е првиот и единствен договор кој е одобрен од сите 27 земји, договор на кој сме ставиле потпис, а на кој стојат имињата на сите јазици на ЕУ. Овој договор беше блокиран од страна на Бугарија токму заради македонскиот јазик, но, со отпочнувањето на преговорите, ЕУ исто како и ние се докажа како партнер од доверба кој ги исполнува ветувањата.

Отворањето на преговорите е огромен успех за сите нас. Процесот е конечно започнат и сега е важно да напредуваме во реформите, заради граѓаните и заради градење на европски институции кои ќе работат по европски стандарди и принципи. Низ преговорите ќе ни се отвораат повеќе фондови, а на долг рок – бенефитот ќе го имаат нашите граѓани.

Во меѓувреме добивме и позитивен Извештај од Европската комисија, прв после отворањето на преговорите.

Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2022 година е цитирам „добро ниво на подготвеност“. Во околу 90% од областите имаме делумна или добра подготвеност.

Воедно, процесот на скрининг се одвива непречено, а земјата покажува високо ниво на посветеност. Овој процес мора да биде инклузивен и транспарентен, а со вклучувањето на граѓанскиот сектор и експертите во преговарачкиот процес, заедно со европските фондови кои ни се на располагање, гледаме нова можност за повеќе реформи и побрзи реформи.

Наше е да продолжиме со реформите, свесни за фактот дека полноправното членство во Европската Унија ни е од стратешки интерес кој со заложба од сите засегнати е достижно многу брзо.

Минатата недела бев во Берлин на Самитот на Берлинскиот процес кој е уште еден доказ дека ЕУ забрзано работи на евроинтеграцијата на Западниот Балкан.

На Самитот потпишавме три договори за мобилност кои се во насока на заложбите за Заеднички регионален пазар, што е исклучително важен процес на нашиот европски пат бидејќи е практично подготовка за интеграција во единствениот пазар на ЕУ. На овој начин, меѓу другото регионот ќе стане многу поатрактивен, конкурентен и подостапен за странските инвеститори, што во крајна линија ќе значи и побрз и повисок развој.

Овој процес, овој Самит ја покажува и докажува детерминираноста на ЕУ за брза и сигурна интеграција на регионот, а особено на Северна Македонија. Ние бевме таму препознаени како сигурен партнер, најстабилна земја на Балканот и затоа и се одлучи Северна Македонија да е депозитар на сите три договори кои се потпишаа и тие ќе бидат депонирани во нашето МНР.

Граѓаните треба да знаат дека процесот на европеизација не е проект на една поединечна политичка партија.

Ние денес, тука од Собранието мора да ја испратиме пораката дека ова е национален проект, проект во кој мора сите да дадеме свој придонес, бидејќи се работи за државата, и за граѓаните.

Пред нас стојат многу предизвици, а она што го нагласив и денес пред претседателите на парламентарните партии е пред сѐ потребата за непречено функционирање на Собранието, бидејќи истото е исклучително важно за нашиот европски пат.

Потребно е да се вклучат сите партии, сите пратеници и да се одблокираат процесите, за да може да имаме поефективни решенија, особено за законите кои се однесуваат на судството, кои се важни и за владеењето на правото како постулат, важни се за нашиот европски пат, но се уште поважни и за враќањето на довербата на граѓаните во судската власт.

Ние како Влада, но и како владејачка и државотворна партија, сме отворени за соработка за сите решенија кои ќе придонесат за да се постигнат овие цели. Инклузивност и обединетост по ова прашање е повеќе од потребно.

Потребна ни е инклузивност и по темата за ЕУ секако, а не терен за политички борби и пресметки. Не смееме да дозволиме уставните измени на кои се обврзавме со европскиот предлог со заклучоците од Собранието, да бидат пречка која самите ќе си ја поставиме. За прв пат одлуките зависат само од нас, а блокадата ако се случи, ќе ја направиме ние.

Вие веќе знаете, доколку ги изгласаме уставните измени, автоматски одиме понатаму, се отвораат кластерите, без потреба од нова одлука и без можност за нова блокада од Бугарија.

Треба да бидеме мудри и да го искористиме поволниот момент и атмосфера која ја има во ЕУ во наша полза. Треба да сме свесни дека живееме во турбулентен политички, економски и безбедносен период. И да препознаеме дека сега имаме отворена врата и сега имаме подадени раце од нашите партнери.

И тоа треба да се искористи! Да покажеме политичка волја и капацитет за да ги валоризираме нашите досегашни заложби и напори и во најбрз можен рок да станеме членка на ЕУ.

Не е време за поделби, никој нема корист од тоа. Сега е вистински момент да се искористи шансата и со полн капацитет да ја реализираме поставената цел.

Затоа и напоменав дека од корист ќе е формирање собраниска група за европски реформи која врз основа на Извештајот на Комисијата и скрининзите ќе се погрижи реформите поврзани со ЕУ преговорите да не бидат блокирани и да не доцнат.

Националниот совет за евроинтеграции претседаван од опозицијата треба да биде вистинското место за тоа. Комисијата за европски прашања во секој случај си ја задржува својата важна законодавна улога.

Потребен ни е Договор за национално единство за ЕУ кој ќе ги покаже искрените намери за европеизација на општеството и полноправно членство во ЕУ.

Мора да покажеме зрелост како држава, мора да покажеме демократски капацитет и да останеме на европскиот пат низ годините пред нас.

Конечно е време за да почнеме нова приказна во која Северна Македонија станува европска земја, земја со закон, ред, систем, иднина, подобар живот. И тоа за сите нејзини граѓани.

Како што посочив и на средбата, СДСМ е посветен на таа приказна.

Исто така посочив дека сега е исклучително важно да се постават приоритетите правилно.

Првиот приоритет е она што е од интерес на државата и сите граѓани, а тоа е продолжувањето по европскиот пат.

Потоа следат интересите на политичките партии.

И тој е редоследот и концептот – на прво место е и секогаш ќе биде интересот на државата.

И тука нема дилема.

Сакам да нагласам дека калкулации овде и сега не треба да има. Овде се работи за нашата и за иднината на нашите деца.

Никој нема право да ја кочи иднината на државата, заради лични или партиски интереси и заради напредок во личната политичка кариера. Никој нема право да блокира, никој нема право да биде кочничар во процеси кои значат подобар живот, просперитет, развој и напредок.

Почитувани медиуми,

Членството во ЕУ е врвен национален интерес и така треба и да се третира.

Очекувам во наредниот период, сите да сме на ниво на задачата, да дадеме сѐ од себе и да ги приоретизираме работите по вистинскиот редослед и концепт, и максимално да дадеме свој придонес.

Нашата единствена алтернатива е ЕУ. Треба да го искористиме поволниот период кој го имаме пред нас, да ја искористиме поддршката која ја добиваме во моментов, и да обезбедиме за граѓаните, за сегашните, за идните генерации, европска и побогата иднина“.

 

 

 

 

Извор: Влада

spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
https://form.jotform.com/222403480783353spot_img

Последни објави

spot_img
spot_img

Читај повеќе