„Со новата одлука за компаниите за производство на храна да се снабдуваат со електрична енергија преку ЕСМ покрај стабилен енергенс со пониска цена ќе се овозможи намалување на цената на производите, а намалувањето на цената на основните прехранбени производи ќе доведе нормално до намалување на инфлацијата во делот на прехранбените производи, на тоа што најмногу трошат граѓаните“, посочи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител.
„Нивото на инфлација не е високо само кај нас, високо е во сите држави и е резултат на порастот на цените и на гасот и на електричната енергија како и на прехранбените производи. Тоа е нешто на што деноноќно работиме со министрите и заради тоа веќе донесовме одлука за ограничување на цената на електрична енергија којашто ќе биде дадена на прехранбената индустрија и тоа на компаниите производители на основните прехранбени производи, брашното, млекото, лебот, месната, живинарската индустрија. Целта е цените на прехранбените производи да бидат намалени за најмалку 10%. Се донесе одлуката со којашто овие компании ќе се снабдуваат со електрична енергија преку ЕСМ со цена од 80 евра по мегават час, бидејќи цената на ХУПЕКС берзата којашто е референтна на којашто тие се снабдуваат, е неколкукратно повисока“, рече премиерот Ковачевски.
Притоа, премиерот Ковачевски истакна дека сите одлуки вклучително и последните со кои се обезбедува поевтина струја за функционирање на виталните институции и стопанство се носени низ инклузивен процес со сите засегнати страни, потенцирајќи дека во време на КОВИД кризата државата со 1,2 милијарди евра помогна и на граѓаните и на стопанството. Сега во време на економско-енергетската криза државата со 760 милиони евра, или со два пакети помага и на граѓаните и на стопанството.
Премиерот Ковачевски порача дека ова не е време на изобилие, туку време на солидарност и помош особено за најранливите категории на граѓани, потенцирајќи дека оваа поддршка е континурана.
Во врска со финасирањето на буџетските потреби, премиерот Ковачевски посочи дека Владата со одговорни политики работи на обезбедување финансирање на државата по најповолни услови и заштеди. Државата го заокружи целокупното финансирање на Буџетот за годинава, со над 40 милиони евра заштеда како резултат на претпазливото управување со должничкото портфолио во услови на криза и глобалниот раст на каматните стапки.
Извор: Влада