Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со раководителите на секторите во општината, пред преполната сала во основното училиште „Димитар Миладинов“ ја одржаа втората трибина под наслов „Заедно одлучуваме“.
На вчерашната трибина одржана во основното училиште „11 Октомври“, жителите на населбата Пролет ги споделија со градоначалникот своите проблеми, предлози и идеи за тоа како да се подобри животот во нивната населба, но и во општината генерално.
„Оваа прва година завршивме повеќе и од што ветивме. Во овој дел на Центар секогаш се грижиме хигиената да е на добро ниво. Тековно го одржуваме и се грижиме за секој дел од нашата општина“, изјави Герасимовски.
Герасимовски на трибината наброја и дел од проектите кои се реализираа изминатата година.
„Во делот на урбанизмот, ветив и го одржувам зборот. Нема да дозволам градби, ниту ќе дадам одобренија на проекти кои отстапуваат од законите. Со почитување на законите стопиравме градба на 8 парцели на Водно. Инвеститорот сакаше да гради пристапен пат до лична парцела но нагибот на патот каде требаше да се гради отстапуваше од прописите. На Водно стопиравме и нелегална градба на улицата Христо Чернопеев“, изјави Герасимовски.
Многу важно за заштита на државното земјиште, додаде тој, е Иницијативата за измена на Законот за градежни земјиште која ја поднесовме до ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски. Иницијативата се однесува на тоа дека приватните или физички лица ќе може да окрупнат парцела само ако поседуваат минимум 70% од земјиштето на парцелата, а не само 30% според постојниот закон. Со ова ќе ги спречиме инвеститорите на мало парче земја да купат голем плац и да градат на целата површина.
„Донесовме и одлука, при секоја дозвола за градба инвеститорите да мора да планираат паркинг места за велосипеди. Мојата намера е да почнеме да ги менуваме навиките, зголемената употреба на велосипеди значително ќе го олесни движењето во сообраќајот, ќе го намали метежот и нервозите за стоење на семафори и сообраќајната култура“, им посочи Герасимовски на приустните жители.
Градоначалникот се осврна и на она што досега е реализирано во овој дел од Општина Центар, како реконструкцијата на тоалетите во ООУ „Димитар Миладинов“, одржувањето на објектите на ЈУДГ „Р.Ј. Корчагин“, кои се наоаѓаат во непосредна близина.
Претставникот од Секторот за финансиски работи на Општина Центар, Емил Николовски, на присутните им го презентираше извршувањето на општинскиот Буџет за минатата година, тековните расходи на општината, но и планираните трошења за наредната година.
Граѓаните имаа можност директно на градоначалникот и на општинското раководство да им ги изнесат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат секојдневно, но и да дадат по некој предлог и идеја за тоа како би им се подобриле нивните животи во местата каде живеат.
Градоначалникот Герасимовски во дискусија со граѓаните кои живеат околу Зеленото пазарче, им ги образложи и заедничките акции на општинскиот инспекторат со останатите надлежни институции кои се спроведуваат за регулирање на дивите препродавачи. Покрај ова, забелешките се однесуваа најмногу на степенот на хигиена на Зелениот пазар и состојбата со паркинзите.
Граѓаните на градоначалникот му ги предочија проблемите со кои се соочуваат на секојдневна основа, а побараа и поставување на нови клупи, канти за отпадоци, подобрување на уличното осветлување.
На крајот, Герасимовски им се заблагодари на присутните, им посочи дека вратите на Општина Центар се отворени за секој граѓанин и општината стои на располагање за сите прашања или проблеми кои тие ги имаат.
Извор: Општина Центар