spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКарпош: Нови играчки и дидактички материјали за децата од градинките

Карпош: Нови играчки и дидактички материјали за децата од градинките

Во рамки на 17. седница на Советот која се одржа во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, советниците едногласно ја поддржаа одлуката за одобрување на еднократна финансиска помош од 3.000 денари, која Општина Карпош традиционално им ја доделува секоја година на лицата со пречки во развојот, по повод одбележување на  Светскиот ден на лицата со попреченост (3. декември ).

 

„Зелено светло“ доби и предлогот со кој се одобруваат финансиски средства за набавка на еколошки и дидактички материјали и играчки, за потребите на дечињата од детските градинки во Карпош. Средствата ќе се исплатат од Буџетот на Општината, согласно Програмата за активностите на локалната самоуправа во областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2022 година, во делот за развивање и унапредување на методологијата на работењето во јавните детски установи, со што треба да се подобри квалитетот на воспитно-образовната работа.

 

Со одлука на Советот беше поддржана и иницијативата за формирање на Совет за социјална заштита на Општина Карпош, кој го сочинуваат 14 членови кои воедно се претставници од невладини фондации, основни училишта на територија на Карпош, претставници од Црвениот Крст на Град Скопје и полициската станица во Карпош. Советот за социјална заштита го сочинуваат и претставници од Агенцијата за вработување на РСМ, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје, Македонското „Монтесори“ здружение, како и претставници од општинската администрација од Одделението за детска, социјална и здравствена заштита при Општина Карпош. Инаку, 14 члениот Совет изработува социјален план за подрачјето на локалната самоуправа, кој треба да содржи мапирање на социјалните проблеми и ранливите групи во општината, како и анализа на капацитетите и расположливите социјални услуги, притоа опфаќајќи ги специфичните потреби за развој на социјалните услуги на територија на општина Карпош.

 

 

Советниците ја изгласаа и предлог-одлуката за комунален ред на Општина Карпош, како и мерките за спроведување на подрачјето на локалната самоуправа. Со оваа одлука се уредуваат односите и начинот на вршење на комуналните дејности, помеѓу давателите и корисниците на комунални услуги на територија на општина Карпош.

 

Со широк консензус беше поддржана и одлуката за ослободување или процентуално намалување на давачки и надоместоци за бранителите на РСМ, кон Општина Карпош. Поточно, со оваа одлука советниците дадоа согласност за ослободување од плаќање на месечен надомест за бранителите на РСМ, чии деца престојуваат во градинките на територија на локалната самоуправа, потоа, ослободување од плаќање на месечен надомест за топол оброк (целодневна настава и дневен престој) за децата на бранителите кои се школуваат во основните училишта низ Карпош. Бранителите на РСМ ќе бидат ослободени и од плаќање на месечен надомест за ужинка за своите деца кои се основци, а исто така ќе бидат ослободени и од плаќање на сите видови на давачки кон локалната самоуправа (за делот кој се уплаќа на сметка на Општина Карпош). Поврзано со последнава точка, Општината ќе ја достави оваа одлука до Град Скопје, врз основа на што ќе биде реализирано ослободувањето од плаќање на давачките во делот кој се уплаќа за Општина Карпош.

 

Во продолжение на седницата, советниците ја изгласаа одлуката за изменување и дополнување на Статутот на Општина Карпош, на начин што се додава поднаслов  кој се однесува на формирање на Совет за поддршка на женско претприемништво на Општина Карпош, заради поттикнување и поддршка на актуелните и потенцијалните жени-претприемачи во општината.

 

Во рамки на седницата, амбасадорот на Италија во нашата држава, Андреа Силвестри со своето кратко присуство ги поздрави градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски и советниците, при што им посака успешна работа.

 

Советот ја поддржа одлуката за прифаќање на донација од Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Платинум Груп“ ДООЕЛ Скопје, во вид на изведба (реконструкција) на линиски објект – водовод, фекална и атмосферска канализација за станбена зграда на ул. „Гиго Михајловски“ бб. Вкупната вредност на донацијата за изградба по проектантски цени изнесува 1.768.470 денари со ДДВ.

 

Со истата динамика беше поддржана и одлуката за прифаќање на донација  од  Друштвото за градежништво и услуги „Бахаш Констракшн“ ДООЕЛ Скопје, во вид на финансирање за изработка на основен проект и изградба на инфраструктурни објекти на Новопланираните улици 5, 6 и 7, предвидени во Блок 2 и Блок 3, во населбата Бардовци. Вкупната вредност за изработка на основните проекти со ревизија изнесува 537.018 денари со ДДВ. Проектантските цени за изградба на инфраструктурни објекти на Новопланираните улици 5, 6 и 7, се однесуваат за реализација на градежен дел – 25.813.113 денари со ДДВ, потоа, водовод и канализација  – 20.512.262 денари со ДДВ и улично осветлување – 3.708.102 денари со ДДВ. Притоа, вкупната вредност за изградба по проектантски цени изнесува 50.033.478 денари со ДДВ, што значи дека вкупната цена на донацијата во целост (проекти, ревизија и изградба) изнесува до 50.570.496 денари со вклучен ДДВ.

 

 

 

Извор: Општина Карпош

Прочитајте

Заменик претседателот Фетаи ја претставуваше Владата на на Регионалната конференција „GovTech“...

0
Заменик-претседателот Арбен Фетаи денеска учествуваше на регионалната конференција „GovTech“ во Тирана, покрај Премиерот на Република Албанија, г. Еди Рама и други претставници од земјите...