spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Бесими на „Еуромани“ - Фискалната консолидација дава резултати во намалување на...

МФ: Бесими на „Еуромани“ – Фискалната консолидација дава резултати во намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг

Владата на РС Македонија спроведува здрави политики кои дадоа соодветен одговор на кризата и воедно поставуваат основа за натамошен долгорочен развој. Водиме претпазлива фискална политика којашто ја штити стабилноста на јавните финансии  и посветено работиме на намалување на буџетскиот дефицит кој годинава е проектиран на ниво од 4,6% од БДП, а наредната треба да се спушти на ниво од 3,4% од БДП. Ова го порача министерот за финансии Фатмир Бесими на форумот на Централна и Источна Европа  „Еуромани“, што се одржува во Виена, Австрија.

„За политиките што ги спроведуваме земјата доби потврда и од ММФ со можноста за пристап до средства од Линијата за ликвидност и претпазливост (ПЛЛ). Претпазливата фискална политика што ја спроведуваме ја заштити стабилноста на јавните финансии. Посветени сме на намалување на буџетскиот дефицит, кој оваа година треба да се намали на ниво од 4,6% од БДП, а следната дополнително да се намали на ниво од 3,4% од БДП. Фискалната консолидација ќе се постигне преку мерки и на приходната и на расходната страна. Посветено работиме на приходната страна преку даночната реформа, а на расходната  преку се потаргетирана поддршка. Дополнителен придонес во оваа реформска агенда е донесениот нов Закон за буџети кој дава среднорочна фискална рамка, со дефинирање на нивото на дефицитот и на јавниот долг како оние во ЕУ.  Клучно е дека нашата претпазлива фискална политика ќе оди заедно со зголемување на јавните инвестиции“, истакна министерот Бесими.

Тој додаде дека минатата година, за да се одговори на шоковите што ги предизвика енергетската и ценовната криза, државата требаше да обезбеди 300 милиони евра. За тоа беа побарани средства од ММФ преку линијата ПЛЛ  и други инструменти коишто беа со поповолни услови отколку да се издадеше еврообврзница.

„Ги следиме состојбите на пазарите на капитал. Во годината што е пред нас треба да обезбедиме 800 милиони евра надворешно финансирање, од кои 450 милиони евра се за враќање на еврообврзницата што достасува за отплата во јули 2023 година“, рече Бесими и додаде дека 80 милиони евра буџетска поддршка се очекуваат во текот на овој месец од ЕУ за да се ублажи влијанието од енергетската криза, а се разговара за евентуална макрофинансиска помош од ЕУ и поддршка од Светска банка преку програмите за развојни политики.

 

„Нашите активности се фокусираат на заштита на јавните финансии, обезбедување здрави јавни инвестиции, подобрување на енергетските политики, справување со високата инфлација и поддршка на финансиската стабилност. Покрај поддршката  од ММФ преку инструментот ПЛЛ, активностите што се планирани ќе постават основа за одржлив долгорочен раст по кризата“, рече министерот за финансии.

Тој потенцира дека структурните реформи за поттикнување на долгорочниот раст остануваат високо на нашата агенда и  дека ќе се направат напори за зајакнување на образованието и активните политики на пазарот на трудот, за зголемување на минималната плата и продуктивноста, како и за економските реформи што ќе следат и се поврзани со започнатите пристапни преговори со ЕУ.

Министерот се осврна и на поддршката што ја дава земјата со цел привлекување странски инвестиции, како и на поддршката на домашните компании за зајакнување на конкурентноста, иновативноста и технолошкиот развој со цел тие да се приклучат на синџирите на снабдување на странските компании присутни во земјата.

Покрај глобалните предизвици кои значително ја погодија домашната економија, странските директни инвестиции остануваат на солидно ниво. Така за првите девет месеци од 2022 година тие достигнаа над 520 милиони евра. Тоа, според министерот, е потврда дека нашата земја останува атрактивна локација за инвестирање и во време на криза.

Неизбежна тема на конференцијата беше и инфлацијата, како глобален проблем со кој се соочуваат сите земји, вклучително и нашата. Министерот ги претстави мерките што ги презема земјата за справување со овој предизвик и додаде дека во последните месеци од 2022 година инфлацијата постепено се стабилизира и има тренд на намалување.

На форумот „Еуромани“ учествуваат министри за финансии, гувернери на централни банки, претставници на финансиски институции и инвеститори кои дискутираат за актуелни прашања поврзани со финансиските пазари и економиите во Централна и Источна Европа. Форумот е можност за средби помеѓу претставниците на економските политики, инвеститорите и економистите заинтересирани за овој регион.

 

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте

Центар: Зелено светло за бесплатни тренинзи на јуниорите на КК Работнички...

0
На 35. Седница на Советот на Општина Центар е усвоен предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за користење на училишната спортска сала во ООУ ,,Коле...