spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeИнтервјуаМТСП: Договори на определено време до две години, воведување на мајчинско,...

МТСП: Договори на определено време до две години, воведување на мајчинско, родителско и татковско отсуство, дел од новиот ЗРО

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во емисијата „Топ Тема“, на ТВ Телма, зборуваше за Нацрт законот за работни односи и за новиот систем на плати, кои како што рече таа станува збор за системски решенија кои ги унапредуваат работничките права.

Таа ги оцени како спинови и невистини реакциите за овие два нацрт-закона, дека се кратат работничките права. Притоа потенцираше дека во работната група за креирање на ова законско решение учествувале и претставници на синдикатите и на работодавачите, со цел низ дискусија се создаде најдоброто законско решение.Намалување на  времетраењето на договорите на определено време од сегашните пет на две години, воведување на работа од дома и работа од далечина е дел од новините на нацрт законот за работни односи.

„Работник кај ист работодавач нема да  може повеќе од три пати да склучува анекс на договорот во период од две години што значи дека нема да потпишува секој месец,“ појасни Тренчевска.

 

Таа посочи дека по истекот на две години кај ист работодавач, договорот на определено време ќе треба да се трансформира во неопределено, доколку работодавачот планира да го задржи вработениот.

Министерката информираше дека, се воведува работа од дома и работа од далечина, а новина е и тоа што е тргната горната граница во времетраењето на годишниот одмор што ќе ја утврдуваат заедно синдикатот и работодавачот преку колективно преговарање. Придобивка, според Тренчевска, е и тоа што се воведува обврска на работодавачот доколку му е прекинат договорот за работа на работникот, да му биде исплатен годишниот одмор.

Тренчевска истакна дека со нацрт-законот за систем на плати се унифицираат платите за исти работни места во сите институции да има иста плата. Притоа ќе се дефинира највисока плата во секоја дејност. И како што посочи, во основната плата ќе влегува и минатиот труд.

„За овие  нацрт закони, ќе се организираат јавни дебати и секое оставање на можност за различна интерпретација ќе биде дел од јавни дебати“, рече Тренчевска, додавајќи дека очекува до средината на февруари да се соберат сите забелешки по овие закони.

Тренчевска не се согласува со оценките на синдикатите дека се суспендира колективното договарање. Колективните договори ќе важат две години и плус една откако ќе истече овој период. За целиот период од три години страните треба да бидат во постојан дијалог и на овој начин колективното договарање останува живо. Во однос на новините во породилното отсуство, Тренчевска повтори дека не се крати ништо од сегашните права.

„Не се крати сегашното породилно отсуство од девет месеци, туку му се дава можност и на таткото да се вклучи во грижата на своето дете. Се предвидува мајчинско отсуство од пет месеци во првите месеци од раѓањето на детето, понатаму четири месеци родителско отсуство за мајката и четири месеци родителско отсуство за таткото кои можат да ги користат наизменично или заедно,“ рече Тренчевска.

Министерката појасни и дека предвидени се и 15 дена татковство, односно од првиот ден на раѓање 15 дена доколку се роди едно дете, а за близнаци или повеќе деца татковство од 20 дена. Дополнително, имаат право и на неплатено отсуство за двајцата родители во траење од два месеци кои можат да го користат до осумгодишна возраст на детето.

 

 

 

Извор: Министерство за труд и социјална политика 

Прочитајте

Битола: Завршени потребните подготовките за прифатилиште, се чека одобрение од АХВ

0
Со вклученост на сите релевантни субјекти и средства од сопствениот буџет, Општина Битола, ги направи подготовките за отворање на прифатилиште за бездомни животни. Градоначалникот...