spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниЦентар: Герасимовски - Центар од денеска чекори кон енергетска независност

Центар: Герасимовски – Центар од денеска чекори кон енергетска независност

На денешната 20-та седница на Советот на Општина Центар, на предлог на градоначалникот, Горан Герасимовски, советниците ја донесоа Одлуката за основање трговско друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори, или со скратен назив, „Енергија Центар“. Со реализацијата на овој проект, општината ќе биде електроенергетски независна и самоодржлива и во нејзиниот развој ќе се користат природните ресурси и потенцијали.

Како резултат на енергетската криза со која се соочуваме и недостигот на средства и соодветни регулативи за имплементација на нови решенија, се појави потреба за вложување и реализација на капацитети за обновливи извори на енергија.

По спроведените анализи, од сите обновливи извори на енергија, сонцето претставува огромен потенцијал за енергетскиот сектор, особено имајќи го предвид фактот дека во нашата земја има 280 сончеви денови годишно, односно 1500 сончеви часови на годишно ниво.

„Имајќи ја предвид севкупната економска состојба и идејата за унапредување на квалитетот на живеење и придонесување кон поздрава животна средина, ние, како општина, повторно успеавме да им излеземе во пресрет на нашите граѓани. Ова е голем предизвик, но токму такви се и придобивките. Благодарение на стручната анализа за економската оправданост за формирање на ова претпријатие, која ја изработи Фондацијата „Фридрих Еберт“, ќе успееме да ги неутрализираме ценовните шокови. Навистина сум горд што Општина Центар го носи духот на иновациите и примената на најефикасните технологии“, изјави Градоначалникот Горан Герасимовски.

Со формирањето на трговското друштво се овозможува и олеснува процедурата и постапката за инсталирање на поголеми фотоволтаични системи на јавните објекти, односно основни училишта, детски градинки, урбани заедници и други објекти под надлежност на општината.

На овој начин, со формирање на јавно претпријатие за производство и продажба на струја, Општина Центар го презема првиот чекор кон енергетска независност и ќе се промовира како првата енергетски независна општина во Република Северна Македонија.

Трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори на Општина Центар ќе врши дејности врз основа на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.

 

 

 

Извор: Општина Центар 

Прочитајте

Град Скопје: Соопштение

0
Ја известуваме пошироката јавност дека денес од објава на извесен организатор на SkopYard кој од 21 март без претходно добиена согласност најавувал дека на...