spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Бесими - Подготвени сме за издавање на еврообврзница, инвеститорите имаат доверба

МФ: Бесими – Подготвени сме за издавање на еврообврзница, инвеститорите имаат доверба

Министерството за финансии е подготвено и може веднаш да излезе на меѓународниот пазар со издавање на еврообврзницата, штом во Собранието заврши процедурата за избор на министер за правда. Очекувам и следната аукција да биде успешна. Зад овој процес стои конзорциум на банки со кои земјата веќе 20 години успешно го реализира процесот на издавање еврообврзници, а постои и интерес од инвеститорите што веќе учествуваа на аукцијата на 9 февруари повторно да учествуваат. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во гостувањето во емисијата „24 Анализа“.

Повторената аукција, како што рече министерот, не повлекува финансиски трошок, бидејќи тоа е во рамки на договорот што го има земјата со конзорциумот на банки.

„Штом се избере министер за правда, ние сме подготвени веќе следниот ден да настапиме на пазарот, зависно од оценките на банките коишто ќе посочат кои се добри позиции. И следната трансакција ќе биде успешна. Инвеститорите покажуваат интерес повторно да се јават. Ние издаваме познат производ за нив, не доцниме со исплати и тоа исто така им е познато. Нема нови трошоци за повторената постапка, додека каматата ја одредува пазарот“, рече министерот Бесими.

Тој потенцира дека каматната стапка ќе го одреди и износот на кој ќе биде издадена еврообврзницата. „Ние имавме плафон на 800 милиони евра и одлучивме да издадеме еврообврзница од 600 милиони евра за да ги платиме обврските кон странство, односно еврообврзницата што доспева во јуни во износ од 450 милиони евра, каматите за истата во износ околу 30 милиони евра, како и други заеми што доспеваат кон странство. Идејата беше тоа што ќе го обезбедиме со еврообврзницата да биде наменето за плаќање на обврските кон странство. Доколку каматата е над 7 проценти и повеќе, може да се разгледа опцијата да се издаде еврообврзница само на 500 милиони евра, па во текот на годината повторно да се разгледаат условите, односно каматите. Во втората половина од годината се очекува намалување на инфлацијата и зголемување на растот, но имаме многу непознати и никој не знае што ќе се случи во Украина“, истакна министерот Бесими.

Појаснувајќи ја постапката поради која ќе се повтори аукцијата за издавање на еврообврзницата, рече дека тоа е поука и најави дека ќе се предложат законски измени со кои мислењето нема да се потпишува само од министер за правда, туку тоа да може да го направи и друг член од Владата.

 

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте

Карпош: Прв „хотел“ за згрижување на диви пчели

0
По повод одбележување на Денот на планетета Земја во населбата Карпош 3, претставници на невладината организација ТАКТ во соработка со Општина Карпош го поставија...