Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски вчера оствари посета на компанијата Екстра Фунги во општина Чешиново Облешево.
Компанијата започнала со работа во 1988 година како семеен бизнис на фамилија Антоновски.
На јавниот повик 02/19 за мерка 3 – инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, Екстра Фунги аплицираат со соодветен проект кој е одобрен, со што компанијата влегува во реализација на инвестицијата.
За потребите на преработувачкиот процес, набавени се машини и линии за преработка на откупената суровина и инсталирана е фотоволтаична централа за производство на електрична енергија за сопствени потреби.
Оваа инвестиција е со севкупна вредност од 24.4 милиони денари, од кои 11.7 се ко – финансирани од АФПЗРР преку ИПАРД програмата, што преставува покривање на вкупно направените трошоци од 50%.
,,Секој нов или модернизиран преработувачки капацитет е додадена вредност во македонската економија. Со инвестиции во модерна опрема се подобрува технолошкиот процес на компаниите и се добиваат производи кои се конкурентни и на домашните и на странските пазари. Освен долгата традиција со бизнисот со печурки, нашите денешнид домаќини нудат широк спектар на замрзнато овошје како шипинка, боровинка, капина, аронија, дињи, сливи и јагоди. Најголема придобивка од ваквите успешни приказни е што станува збор за инвестиција во рурална средина која создава работни места за локалното население” – истакна директорот Бачовски.
Преку ИПАРД 2 програмата од 2017 до денес се поддржани повеќе од 2300 проекти со финансиска поддршка од европскиот фонд за земјоделство и рурален развој во вредност од 60 милиони евра.
Извор: Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој