Говорејќи на панелот под наслов: ,,Дигитална трансформација и иднината на ИТ: Подигнување на јавното и корпоративното управување на следното ниво“, заменикот министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски ја потенцираше заложбата за забрзана дигитална трансформација и користење на придобивките од неа, во корист на граѓаните и целото општество.
,,Дигиталната трансформација е една од стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија и е составен дел на едно ново време, кое бара современи решенија. Ние во Министерството за информатичко општество и администрација континуирано работиме на обезбедување на модерна и ефикасна администрација базирана на дигитализација која обезбедува услуги за граѓаните и за бизнисите. Затоа, можам да ги истакнам нашите силни заложби за дигитализација на процесите, преку еден брз и динамичен процес, како и ефикасно справување со предизвиците “, истакна Бајдевски.
Меѓу другото го посочи изготвувањето на: нацрт-Националната ИКТ стратегија 2023-2027, новата Национална стратегија за сајбер безбедност 2023-2027 и на обезбедувањето учество во програмата и организацијата Дигитална Европа. Се осврна и на проектите и системите во МИОА за дигитални услуги, како што се Системот за Централен регистар на население кој е првиот ИСО 27001 сертифициран систем во министерството, потоа Националниот портал за електронски услуги, Платформата за интероперабилност, како и Системот за електронско управување со документите (EDMS), со кој, на целосно електронски начин се врши процесирањето на документите и спроведувањето на работните процеси, внатре во Министерствата и во државните институции-корисници на системот.
Во однос на сајбер безбедноста, заменикот министер Бајдевски рече дека Република Северна Македонија континуирано работи на развивање на својата инфраструктура и способности за зголемување на отпорноста во сајбер просторот. Се преземаат чекори за градење партнерства со сите чинители во општеството, академијата, субјекти од приватниот сектор и меѓународни организации.
Го истакна и учеството во многу меѓународни инцијативи, обуки за сајбер безбедноста, односно информациско комуникациските технологии, градењето капацитети за безбедност на мрежи, комуникациски системи и критична инфраструктура. Како пример, ги посочи и неодамна усвоените сет мерки од страна на Владата за подобрување на безбедноста на информациските системи во институциите, кои ќе се имплементираат во најкус можен рок во секоја институција.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација