Османи: Политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ како значаен влог во регионалната стабилност
Со цел одбележување на почетокот на НАТО деновите во Северна Македонија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера беше домаќин на традиционалниот “НАТО појадок”.
“Денес во присуство на нашите сојузници и партнери одбележуваме три години од членството на Северна Македонија во Алијансата, додека на 4-ти април ќе ја чествуваме 74 годишнината од основањето на Организацијата на Северноатлантскиот договор или Денот на НАТО. Со тоа ја продолжуваме традицијата – секоја година од 27-ми март до 4-ти април да се одржуваат Денови на НАТО посветени на заедничките успеси и постигнувања, но и предизвиците со кои сојузниците и Алијансата се соочувале низ годината.”- нагласи Османи.
Во своето обраќање, Османи ги истакна придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО, оценувајќи го како историски успех и најзначајно надворешно – политичко постигнување. Нагласи дека нашето членство во Алијансата е особено значајно за регионалната безбедност и стабилност, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици.
“Регионот на Западен Балкан е особено изложен на стратегиска конкуренција и на малигно влијание на трети страни кои се обидуваат да ги искористат слабостите и недовршената евро-атлантска интеграција со цел да остварат свои стратешки интереси. Решението се наоѓа во засилени демократски реформи со цел да се зајакне отпорноста , но и во засилена и координирана соработка на НАТО и ЕУ во заокружувањето нa евроатлантската интеграција на Регионот и комплетирањето на демократската трансформација.’– истакна Османи.
Во своето воведно обраќање премиерот, Димитар Ковачевски ги брои странските директни инвестиции кои лани беа во висина од 753,8 милиони евра, или двојно повеќе во однос на 2016 година, како и отварањето на над 10.000 работни места технолошко-индустриските развојни зони, како дел од придобивките на НАТО членството, со што според Ковачевски, Република Северна Македонија не е повеќе земја на евтина работна сила.
“Со членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија, со концептот за еднакво општество дома, со храбрите, но и државнички одлуки со коишто ги заштитивме идентитетските одредници и националниот идентитет, со функционалните политики на дијалог и разбирање, Република Северна Македонија денес е фактор на стабилноста на Западен Балкан. А јасно е дека евратлатската ориентација на регионот е потребна и во функција на европските мир и стабилност и во насока на просперитетот”, нагласи Премиерот.
Обраќање како специјален гостин имаше и амбасадорката на Украина, Лариса Дир, која изрази благодарност за помошта што Северна Македонија ја обезбедува за Украина, нагласувајќи дека истата е од витално значење за украинските бранители, кои по цена на сопствениот живот ја бранат и Украина и демократските вредности.
На настанот присуствуваа високи владини функционери, претставници на дипломатскиот кор и други значајни институции во земјава.