Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествува на НАТО Министерскиот состанок, во Брисел, каде во фокусот е проширувањето на Алијансата со Финска како најнова земја членка.
Османи пред почетокот на состанокот упати честитки за членството на Финска во НАТО, оценувајќи го како историски момент и значаен чекор за зајакнување на трансатлантската стабилност и безбедноста на сите сојузници.
“Северна Македонија која денес титулата ‘најмлада земја членка на НАТО’ја предава на нашиот најнов сојузник – Финска, останува силен поддржувач на политиката на Отворени врати на НАТО како една од најуспешните политики на Алијансата. Во денешната сложена безбедносна архитектура ваквиот чекор претставува силна потврда за единството на сите сојузници и значаен влог во целокупната трансатлантската сигурност. Очекуваме што поскоро да има напредок и во апликацијата на Шведска и земјата да стане дел од трансатлантското семејство пред НАТО Самитот во Вилнус.” – нагласи Османи
Воедно, Османи ја истакна и силната политичка и практична поддршка за Украина, што е во фокусот на разговорите на НАТО – Украина Комисијата, на која учествува и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.