spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМОН: Шаќири - Спортот како и образованието е право на секое дете,...

МОН: Шаќири – Спортот како и образованието е право на секое дете, обврска на општеството е да ги отстранува бариерите за инклузија

Министерството за образование и наука континуирано работи на обезбедување инклузивно образование и зголемување на учеството на сите деца и млади во воспитно-образовниот процес, со особено внимание на децата што можат да бидат маргинализирани, дискриминирани или исклучени од образовниот систем. Мерките и стратегиите за отстранување на бариерите придонесуваат и за создавање поинклузивна спортска култура во училиштата, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на отворањето на првиот инклузивен Спортски саем „Спорт за сите“.

Нагласувајќи дека спортот е потреба и право на сите луѓе, без оглед на нивните физички и ментални способности, Шаќири наведе дека степенот на вклученост на лицата од ранливите групи во спортот покажува колку, како општество, навистина даваме еднакви шанси на сите.

„Наша цел е квалитетно образование за секое дете. Имаме правна рамка за инклузивно образование и посветени сме на градење капацитети за развој на инклузивна клима и обезбедуваме системска поддршка на воспитно-образовниот кадар за почитување на различностите, промовирање еднаквост, правичност, недискриминација и создавање услови за напредување на секој ученик, согласно неговите можности“, наведе Шаќири.

За да можат да работат со децата со атипичен развој, за наставниците се предвидени посебни обуки, а во соработка со меѓународни партнерски организации и институции, изготвени се посебни водичи како да  реализираат инклузивни спортски активности и физички вежби, прилагодени на потребите на децата со попреченост, на редовните часови за физичко воспитување.

„Веќе неколку години, наставата по физичко од прво до петто одделение ја реализираат тандем наставници. Освен одделенскиот наставник, учествува и предметен наставник, што овозможува поуспешна реализација на наставата и постигнување поголеми ефекти во практикувањето на здрав начин на живеење, развој на физичките способности и унапредување на моторните вештини“, рече министерот Шаќири.

Оваа учебна година Министерството ангажираше 720 образовни асистенти, како одговор на искажаните потреби на родителите на учениците со попреченост. Тие го олеснуваат вклучувањето на децата со атипичен развој во редовниот воспитно-образовен процес, се грижат децата да се адаптираат на училишната средина и на врсниците, да ги совладаат наставните содржини, како и да развијат свест дека може да спортуваат заедно со другите деца.

Министерот кажа дека политиките за подигнувањето на степенот на инклузивност на националниот образовен систем опфаќаат и интензивно инвестирање во образовна инфраструктура како и набавка на дидактички помагала. Посебно внимание се посветува на изградбата и опремувањето на спортски сали. Преку Проектот 145 сали досега се реализирани 100 спортски објекти, кои се пристапни и достапни за учениците со атипичен развој. Со грант вреден 3 милиони евра се финансира реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта, а воедно и се набавува нова спортска опрема за вкупно 50 спортски сали во основните училишта.

Спортскиот саем ,,Спорт за сите” се организира на иницијатива на Кабинетот на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во рамките на заедничкиот ОН проект „Од знаење и образование до зајакнување и учество“.

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Илинден: Најдобрите ученици на државните натпревари на прием кај градоначалникот Георгиевски

0
И оваа година Градоначалникот на општина Илинден Александар Георгиевски приреди прием на учениците од основните и средното училиште од општината кои освоија високи места...